Мировниот план на САД за Украина е намален од првичните 28 точки на 19, објави „Фајненшл тајмс“

38
EPA/ANDRES MARTINEZ CASARES

Конечниот текст на договорот ќе треба да биде одобрен од претседателите на Украина и САД пред да биде испратен во Москва

Мировниот предлог на САД за прекин на војната во Украина е намален од првичните 28 точки на 19, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Изворите наводно не кажаа кои елементи од мировниот план се отстранети, пренесе „Хина“.

По разговорите меѓу американските и украинските делегации во Женева во неделата, двете страни објавија напредок во напорите за прекин на војната со Русија, но не дадоа детали за тоа како ќе се решат некои длабоко вкоренети несогласувања меѓу Москва и Киев.

Во разговор со новинарите по еднодневните разговори со украинските и европските претставници, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека е постигнат огромен напредок.

Пред разговорите, европските лидери изразија загриженост за некои делови од планот, вклучително и барањата поврзани со санкциите против Москва и замрзнувањето на руските суверени средства, за кои, според нив, зависи од ЕУ да одлучи.

Лидерите на ЕУ разговараа за напредокот од Женева во понеделник и одлучија за најдобриот пат напред, изјавија официјални лица вклучени во подготовките.

Сепак, Рубио рече дека конечниот текст на договорот ќе треба да биде одобрен од украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп пред да може да биде испратен во Москва.

 

ИЗДВОЕНИ