– Низ фотографиите ќе се потсетиме на несебичната љубов на Мајка Тереза кон ближните, болните и сиромашните… Мирот започнува во нас самите. Не можеме да постигнеме вистински мир во светот, ако не го менуваме мирот во себеси. Насмевката е многу важна. Ако не умееме да се насмевнеме, тогаш тешко ќе го пронајдеме мирот – и во себе и во светот околу нас…, кажа денеска директорката на Спомен-куќата на Мајка Тереза Соња Кузмановска на отворањето на изложбата „Мирот започнува со насмевката“
„Во светот исполнет со брзина, стрес и немир, честопати забораваме на нешто многу едноставно, но моќно – насмевката. Таа е најмалиот гест што можеме да го дадеме, но понекогаш има најголемо значење. Мирот не се создава само со политички договори. Тој почнува со секојдневна комуникација меѓу луѓето, со разбирање, љубезност и насмевка…“. Токму цитатот „Мирот започнува со насмевка“ на една од најголемите хуманистки на нашето време Мајка Тереза, е насловот на изложбата која е поставена по повод 115 години од нејзиното раѓање во Спомен-куќата на светицата во Скопје.
„Низ фотографиите ќе се потсетиме на несебичната љубов на Мајка Тереза кон ближните, болните и сиромашните. Таа градела мостови на разбирање и соочување со болката преку добрина и безусловна љубов. Животот и делото на Мајка Тереза претставуваат вечна светлина и траен потсетник на вистинските вредности – човечноста, љубовта и мирот. Мирот започнува во нас самите. Не можеме да постигнеме вистински мир во светот, ако не го менуваме мирот во себеси. Насмевката е многу важна. Ако не умееме да се насмевнеме, тогаш тешко ќе го пронајдеме мирот – и во себе и во светот околу нас. Мирот не се одржува со сила, тој се гради со разбирање, сочувство и љубов“, кажа денеска на отворањето на изложбата директорката на Спомен-куќата на Мајка Тереза Соња Кузмановска.
Таа во присуство на почитувачите на ликот и на делото на светицата Мајка Тереза потсети и на една нејзина мисла: „Ако немаме мир, тоа е затоа што сме заборавиле да припаѓаме едни на други“.
Кустосот Снежана Алексова додаде дека изложбата претставува избор од фотографии и цитати кои ја доловуваат суштината на нејзината мисија – да се биде светлина таму кад што има темнина.
„Со оваа изложба сакаме да се потсетиме дека добрината не бара богатство, туку волја. Дека мирот не започнува со договори – туку со насмевка и со желба да се направи нешто убаво за другиот. Да се потсетиме дека светот станува подобро место секогаш кога ќе избереме да бидеме добри. Да бидеме таа насмевка со која почнува мирот…“, додаде Алексова.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пак, посочува дека Спомен-куќата на Мајка Тереза, претставува значајна музејска институција под надлежност на Министерството, која од својата изградба па сѐ до денес има централна улога во негувањето и претставувањето на нејзиниот живот.
„Спомен – куќата на Мајка Тереза не е само место на сеќавање, туку и простор за инспирација и промоција на вредностите што таа ги застапуваше“, истакнува министерот Љутков.
Инаку, како што велат од Спомен-куќата на Мајка Тереза, оваа изложба е посветена на мирот како универзална вредност.
„Мирот за Мајка Тереза не беше само отсутност на војна – мирот беше секој гест на љубов, секоја прегратка на човек во болка, секој оброк даден на гладен и секоја молитва за мир во светот“, посочуваат организаторите на изложбата.
На 5 септември, пак, денот кога Мајка Тереза е упокоена, во капелата во Спомен-куќата ќе има света миса и сестрите ќе донесат реликвија од светицата, така што секој што сака да одаде почит и да се помоли ќе може да дојде и да се помоли пред реликвијата. (Д.Т.)