Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Центар од ЗНАМ: Центар мора да биде општина на пешаци, велосипедисти и среден јавен превоз, а не центар на сообраќаен хаос!

Ветуваме доволно паркинг-простор и пешачки зони, среден и безбеден сообраќај, училишта кои се образовни и безбедни оази. Ќе изградиме општина која се грижи за сите свои жители – деца, млади и возрасни, која ги помага локалните мали и средни бизниси, општина која ќе го врати маалскиот дух, која ќе биде културно средиште на главниот град, ќе го поддржува и помага спортот. Со една реченица кажано – Центар ќе биде вистинското срце на метрополата, нагласува Лабудовиќ. За борбата против урбаното безредие, вели дека нема тајна формула, туку јасна и транспарентна битка за секоја педа јавен простор во општините со ревизија на сите урбанистички планови.

138

Весникот ВЕЧЕР во наредниов период ќе објави серија интервјуа со кандидати за градоначалник на општините. Целта е тие на јавноста да ѝ ги претстават своето видување за најактуелните проблеми на македонската метропола и својата визија за нејзиниот иден развој. Со тоа, истовремено, нашите читатели ќе добијат целосна претстава за нивните заложби, а што, сигурно, ќе им биде од помош за да ја донесат одлуката за кого да гласаат на претстојните избори.

 

По професија електроинженер со богато професионално искуство и актуелен заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ во улога на кандидат на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија за градоначалник на Општина Центар наведува дека има решенија за бројни проблеми со кои се соочува оваа скопска општина. Тој тврди дека за четири години сликата на Центар ќе биде сосема спротивна од сегашната.

Како би ја опишале Општина Центар и нејзините клучни проблеми во моментов и како ја гледате по четири години, доколку би ја добиле довербата од граѓаните. Подготвени ли сте да се соочите со предизвикот на градоначалничката функција од аспект на ингеренциите и можните блокади и отпори од Советот на Општината во случај на одреден изборен епилог?

 – Центар е срцето на Скопје и треба да биде пример за сите останати како треба да изгледа и како треба да функционира една современа градска општина. Центар е дом на сите нас што живееме во него, но и место за илјадници други кои секојдневно од најразлични причини професионални, егзистенцијални, здравствени, културно-забавни, престојуваат на територијата на нашата општина.

За жал, Центар денеска е сè, само не средена и развиена општина. Во Центар има безредие наместо ред, урбан хаос наместо урбан плански развој, Општината се „дави“ во смет и прав, наместо да свети од чистота. Секојдневно има сообраќаен метеж или хаос, а најчесто двете заедно, имаме преполни тротоари со возила, искршени детски реквизити, темни улици… Ако продолжам да набројувам веројатно ќе ни треба многу време и простор за да ги наведам сите аномалии.

Во наредните четири години, ние јас и мојот тим, ветуваме дека ќе сториме сè Центар да има сосема спротивна слика од ова. Тоа значи чиста, еколошки ефикасна, зелена, урбано и плански средена општина. Ветуваме доволно паркинг-простор и пешачки зони, среден и безбеден сообраќај, училишта кои се образовни и безбедни оази. Ќе изградиме општина која се грижи за сите свои жители деца, млади и возрасни, која ги помага локалните мали и среди бизниси, општина која ќе го врати маалскиот дух, која ќе биде културно средиште на главниот град, ќе го поддржува и помага спортот. Со една реченица кажано Центар ќе биде вистинското срце на метрополата.

Не се плашам од блокади и отпори во Советот бидејќи сум убеден дека заедно со нашиот партнер, ВМРО-ДПМНЕ, ќе го имаме мнозинството. Но, во исто време, подготвен сум да ги сослушам и да ја поттикнам соработката со сите советници, без разлика од која партија доаѓаат, или, пак, го освоиле местото како независни кандидати. Добрата соработка меѓу градоначалникот и Советот е основа за успешно функционирање на секоја општина.

Комуналните проблеми се присутни на подрачјето на Општина Центар. Каква е состојбата со општинските сообраќајници, со паркиралиштата? Какви планови имате со нив?

Ќе изградиме катни и монтажни гаражи на најмалку три локации во Буњаковец, во Капиштец кај ТЦ Беверли Хилс и кај т. н. функционерска зграда во близина на Железничката станица. Перспективно, во нашата програма е предвидена и нова општинска зграда на местото каде што сега се наоѓаат бараките проект со кој се предвидени дополнителни 300 паркинг-места. Сето ова, заедно со имплементирање нови сообраќајни решенија на некои од сервисно-станбените улици, во смисла на воведување еднонасочен сообраќај, сериозно ќе го зголемат капацитетот за паркирање во Општината. Планираме да воведеме и смарт паркинг-систем, со кој многу ќе го поедноставиме и ќе го забрзаме паркирањето во Центар. Што се однесува до општинските сообраќајници, секојдневниот хаос што сериозно ја краде нашата енергија, ќе го замениме со ред и мобилност во кој пешаците и велосипедистите ќе имаат предност. Тоа значи, нови пешачки зони, нови  велосипедски патеки, смирување на сообраќајот со поставување на т. н. „лежечки полицајци“, особено пред училиштата и градинките, реконструција на тротоарите и нивно ослободување од возила. Во соработка со Град Скопје ќе работиме на тоа да се добие квалитетен јавен превоз чии линии поминуваат и се вкрстуваат во нашата општина. Центар мора да биде општина на пешаци, велосипедисти и среден јавен превоз, а не средиште на сообраќаен хаос.

И Општина Центар е на државната мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето? Кои се точките на кои ќе се фокусирате?

Центар е општина која практично целосно е приклучена на централниот систем на греење или, пак, домаќинствата се греат на струја, со што се елиминира една од големите причини за загадување. Сепак, проблемот со загадувањето постои затоа што воздухот не може да го преградите и така да се заштитите. Сметам дека е неопходно да се изгради заедничка и долгорочна стратегија во чија имплементација ќе се вклучат Град Скопје, сите скопски општини, а се разбира и надлежните институции на централно ниво. Само така можеме еднаш засекогаш да го решиме овој сериозен проблем. Секако, јас се обврзувам дека на ниво на Општина Центар ќе преземам низа мерки со кои првенствено ќе поттикнам помало користење на возилата. Веќе кажав, со квалитетен и навремен јавен превоз, со широки простори за пешаци и за велосипедисти, едноставно, ќе ги стимулирам луѓето, особено моите центарци, што помалку да ги користат сопствените возила. Ќе воспоставиме и систем за мерење и мониторинг за квалитетот на воздухот достапен во реално време. Понатаму, ќе понудам и серија одржливи решенија за помало загадување од градежните активности, како и борба против сите загадувачи.

Како гледате на состојбата со урбанизмот во Општината? Според многу оценки, Центар е пример за „бетонизацијата“ на Градот Скопје. Како ја гледате Општината во новиот ГУП, на кои принципи треба да почиваат ДУП-овите, треба ли да има нивно преиспитување? Имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми во Центар? 

Како нема да биде пример за „бетонизација“, кога актуелниот градоначалник, Герасимовски, е рекордер по издавање дозволи за градба. Ние немаме неограничен простор за да можеме од ракав да си потпишуваме дозволи за градење. Центар се простира на само седум квадратни километри, а само погледнете што се случува – имаме градби, некои готови, некои во завршна фаза, каде два објекта се толку блиску што соседите од различни згради ќе можат да си видат какво кафе пијат наутро.  Истиот тој Герасимовски, од друга страна, е негативен рекордер по бројката на ревидирани урбанистички планови само три од вкупно 31. Го слушаме како вели – овој ДУП е во завршна фаза, оној ДУП е пред усвојување, а факт е дека ако сакал, можел во текот на својот мандат да ревидира барем половина. И на тој начин да го сопре, а не да го стимулира урбаното безредие, јас би рекол и насилство, со кое се соочуваат центарци.

Нема тајна формула. Има јасна и транспарентна битка за секоја педа јавен простор во општините. Ревизија на сите урбанистички планови според потребите на граѓаните, стоп на прекумерната парцелизација на земјиштето, инсистирање на законските минимални 20 отсто зеленило околу објектите, а јас ќе барам и повеќе. Имам фотографии од барем  40-тина објекти во Центар, каде нема ниту процент, не, пак, законскиот минимум за зелен простор. Прашањето е како овие инвеститори добил дозвола за градење. Тоа во иднина нема да се случува.

Центар има голема потреба за зеленило, паркови, за подобрување на состојбата со Водно… На кој начин ќе го решавате овој проблем?

Како што веќе нагласив, ќе водиме битка за секоја педа јавен простор за да го претвориме во место од корист за граѓаните. Тоа значи нови зелени површини насекаде на територијата на Општината, создавање нови маалски паркови и зелени катчиња, како и обнова на постојните. Ќе има строги „зелени стандарди“ за сите нови објекти што ќе се градат зелен простор и дрворед околу нив како задолжителна обврска. Ќе засадиме илјадници нови дрвја и садници. На Водно планираме да засадиме и автохтони видови дрвја и, секако, заштита на зелениот појас. Она што е уште поважно максимално ќе се посветиме на одржување на секое парче зелен простор. Нема веќе да има исушени тревници или распаднати дрвја. Центар мора да биде и ќе биде зеленото срце на Скопје.

Како ќе го решите проблемот со бездомните животни (кучиња, мачки…) кои се присутни и прават проблеми на подрачјето на Општината?

Секако дека нема да дозволиме да има глутници улични кучиња да шетаат секојдневно по центарските улици. Кон нив ќе се однесуваме крајно хумано ќе ги згрижиме, ќе ги вакцинираме и планираме преку јавен повик да ги повикаме граѓаните да ги вдомат. Сè што е во наша надлежност, ние ќе го сториме. Колку што ми е познато, Град Скопје во претходниот период исплатил серија отштетни побарувања поради негрижа за ова прашање. Планирам, за ова редовно да се консултирам и со ЈП „Лајка“ и сите други граѓански организации кои се грижат за бездомните животни. Решение во кое и тие ќе бидат згрижени и граѓаните ќе бидат безбедни има и ние ќе го примениме.

Младите жители сè почесто се отселуваат, кој е вашиот концепт за нивно задржување во Општината? На кој начин треба да се организира забавниот, спортскиот и рекреативниот живот во Општината?

Ако не му понудиш перспектива на младиот човек, нормално е да се случи миграција во потрага по подобар живот. Подобриот живот не значи само економска сигурност. Подобриот живот значи и богат забавен, спортски и рекреативен живот, квалитетно образование, чиста животна средина.  Во нашата програма нудиме серија решенија со кои на Центар ќе му го вратиме приматот на носител на културниот и спортскиот живот во Скопје. Наш клучен проект е „Центар Хаб“ мултифункционален младински и културно-технолошки центар, кој ќе ја претвори енергијата на младите во иновации и спортски решенија. Ќе организираме и ќе поддржуваме серија културни и спортски настани, ќе ги модернизираме спортските терени и игралишта, во секое маало ќе имаме барем по еден нов кош или ново место за мал фудбал. На нашата планинска убавица Водно дефинитивно ќе ѝ го вратиме сјајот, со обнова и со проширување на сите патеки и други можности за рекреација на вљубениците во планината.

Која од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?

Сметам дека ја имаме убедливо најквалитетната програма за тоа каква треба да биде иднината на Општина Центар. Решенијата што ги нудиме дефинитивно ќе го преобликуваат Центар ќе му дадат нов сјај, нов дух, нова енергија. Јас и мојот тим во наредниот период ќе покажеме што значи добро управување со Општината во интерес на жителите. Во нашата програма граѓанинот е пред сè. Отворен сум за соработка со секој кој со идеја, предлог или со сугестија навистина ќе придонесе во формирањето на новата убава слика на нашата општина. Центар е мој, наш дом Центар е срцето на македонската метропола. Заедно ќе создадеме општина со која ќе се гордееме. (Б. Ѓ.)

Темелно чистење во првите 100 дена

Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Општината. Како да се надмине тој проблем?

 Во првите 100 дена темелно ќе го исчистам Центар. Имам јасен и прецизен план како да го постигнеме тоа. Чистотата ќе ја одржуваме континуирано со вклучување доволен број комунални работници на ниво на Општината. Ќе ги повикаме да ни помогнат и граѓаните и локалните здруженија преку организирани акциите за чистење на јавните површини. Еден од моите приоритети, зад кои цврсто стојам, е дека нема да дозволам да се повтори жалната слика во која отпадот стана секојдневие во нашиот Центар. Истовремено, ќе работиме на системско решение кое ќе дава навремено, организирано и селектирано собирање на отпадот што потоа ќе се депонира на вистинското место. Но, и ќе се преработува на начин што ќе даде корист за заедницата. Ќе нема диви депонии, прав и градежен шут по улиците. Нема да ја заклучиме механизацијата со која располага Општината, како што прави актуелниот градоначалник и таа постојано ќе биде во функција цистерните да мијат, а метларките да чистат. Епилогот ќе биде чисти улици, чисти јавни површини и задоволни граѓани.

 

ИЗДВОЕНИ