Македонската ракометна легенда Филип Миркуловски се враќа да работи во репрезентативниот ракомет, ама на нова улога. Славниот среден бек ја доби довербата од Ракометната федерација на Македонија и во иднина ќе биде спортски координатор на машките селекции. Оваа одговорна улога популарниот „Жути“ ќе ја преземе веднаш.
„Убаво е да се видат познати лица по долги години назад во Македонија. Благодарен сум за довербата да работам на вака витална функција. Јас сум тука да дадам се од себе и своето знаење со моето искуство играјќи во Германија. Главната цел ќе биде развојот на младинските категории, да ги искоординирам и сите селектори. Мора да ја подобриме комуникацијата меѓу генерациите, за сите да бидат подготвени да бидат дел од системот. Прво што треба да направиме е креација на пионерска категорија и да им дадеме предност на младите деца за да ги достигнеме сите големи селекции. Ќе дадам свој максимум за да ги подобриме условите и да го вратиме младинскиот ракомет таму каде што му е местото, кажа Миркуловски.
Филип Миркуловски беше еден од најголемите воини на Македонија. Своевремено средниот бек беше најборбен во тимот, никогаш не се откажуваше и добиваше многу „ќотек“ на терените. По крајот на играчката кариера Миркуловски остана во германскиот тим Вецлар каде што работеше како тренер и помошник. Сепак, пред крајот на сезоната тој се раздели со овој клуб.