Група граѓани од околните села на Крива Паланка најавија мирен протест на 26 февруари 2026 година, со цел да ја искажат загриженоста поради продолжените штети на нивните имоти и земјоделски површини што ги предизвикува неконтролираното движење на говеда. Надлежните институции, вклучително и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство, веќе донесоа правосилни решенија и мерки, но, според граѓаните, тие не даваат доволно резултати.
Граѓаните бараат доследно и навремено спроведување на законските одлуки, поради загрозување на безбедноста и имотните права. Општината ја информира јавноста дека го почитува правото на мирно изразување ставови и ќе соработува за решавање на состојбата во интерес на сите страни
Група граѓани од Општина Крива Паланка и претставници на 16 месни заедници ги известија медиумите и јавноста за сериозната ситуација предизвикана од неконтролираното движење говеда што нанесува штети на приватните имоти и земјоделските површини. Во соопштението од Општината се наведува дека надлежните институции веќе имаат донесено правосилни решенија и задолжителни мерки согласно со законските прописи и дека спроведените инспекции од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство констатирале прекршувања на прописите за заштита и благосостојба на животните.
Од Општината посочуваат дека непочитувањето на институционалните одлуки може сериозно да ги загрози безбедноста на граѓаните, имотните права и јавниот ред. Во соопштението се наведува дека постојат бројни поплаки од жители на селата Дрење, Добровница, Киселица, Голема Црцорија, Трново, Враовиште, Узем, Кркља, Костур, Дурачка Река, Кошари и од другите околни населени места.
Како резултат на незадоволството од веќе донесените институционални мерки, дел од граѓаните најавија организирање мирен протест на 26 февруари 2026 година, со цел да ја искажат загриженоста и да побараат целосно, доследно и навремено спроведување на донесените одлуки. Во соопштението се нагласува и потребата за одговорно и законско однесување, со цел решавање на ситуацијата во интерес на сите страни и обезбедување стабилност, безбедност и правна сигурност во локалната заедница.
Општина Крива Паланка, заедно со претставниците на месните заедници, ќе продолжи да ги следи настаните и да презема мерки во рамките на своите надлежности за заштита на јавниот интерес, со цел да се одржи јавниот ред и да се најде решение што ќе ја смири тензијата меѓу граѓаните и надлежните институции.
(С. Бл.)












