Мираковски: Состојбата со квалитетот на воздухот е нормализирана во скопско Трубарево, вредностите се нормални за урбана средина

22

Квалитетот на воздухот во скопско Трубарево, една недела по големиот пожар во магацинот за електронски отпад, е стабилизиран и во рамките на дозволените вредности, соопшти ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и раководител на лабораторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски.

Мерењата, спроведени од 14 до 17 септември, покажале дека дневните концентрации на честички се движеле од 28 до 40 микрограми на кубен метар, што е под границата од 50 микрограми. Анализите укажуваат дека регистрираните вредности се вообичаени за урбана средина, без екстремни отстапувања.

Мираковски нагласи дека иако резултатите се охрабрувачки, не може да се даде целосна оценка само врз база на петдневно следење. Затоа се препорачува продолжување на мониторингот во реално време, особено доколку на терен се вршат активности како ископи или чистење на локацијата.

Првичните резултати покажуваат дека нема надминувања на дозволените концентрации на цврсти честички, ниту на токсични елементи како никел, арсен, кадмиум или олово. Сепак, останува да се обработат уште дел од примероците и да се направат дополнителни анализи на јоните, како и на почвата и водите во околината, за целосна слика за евентуална контаминација.

Научниците од АМБИКОН беа ангажирани од Министерството за животна средина за проценка на состојбата по пожарот, а нивниот извештај веќе е достапен за јавноста.

ИЗДВОЕНИ