Министрите за финансии на ЕУ постигнаа договор: Наскоро ќе бидат преземени мерки против евтините кинески стоки

22

Министрите за финансии на ЕУ денес се согласија дека царините за пакети со ниска вредност треба да се воведат уште следната година, во обид да се ограничи увозот на евтини кинески стоки, што би можело да ги погоди онлајн трговците на мало како што се „Шеин“ и „Тему“, пренесе „Хина“.

Договорот на состанокот на министрите за финансии во Брисел за воведување на царините „што е можно поскоро во 2026 година“ исто така значи дека преговорите ќе започнат со Европскиот парламент, кој мора да го одобри предлогот.

Европскиот комесар за трговија Марош Шефчович веќе им предложи на министрите ослободувањето од царински давачки „de minimis“, кое се однесува на производи купени преку интернет и вредни помалку од 150 евра, да се отстрани во првиот квартал од 2026 година, две години порано од планираното.

„Ослободувањето треба да се замени со поедноставена привремена царинска давачка“, рече тој.

Онлајн продавниците како што се „Шејн“, „Тему“, „Алиекспрес“ и „Амазон хаул“, кои испорачуваат производи директно од кинеските компании до клиентите, нудат екстремно ниски цени, делумно поради ослободувањата од царински давачки што им штетат на конкурентите во Европа.

Бројот на пакети со ниска вредност што влегоа во блокот минатата година се дуплираше на 4,6 милијарди, а повеќе од 90 проценти дојдоа од Кина. Европската комисија, извршното тело на ЕУ, се соочува со притисок од европските компании да го намали што е можно побрзо.

Соединетите Американски Држави претходно ја укинаа политиката „de minimis“ што дозволуваше увоз на пакети во вредност помала од 800 долари, предизвикувајќи стравувања дека евтината кинеска стока може дополнително да се пренасочи кон Европа.

ИЗДВОЕНИ