Министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан во вторник ќе одржат заедничка средба со претставници на Европската комисија, на која ќе се разговара за наталожените проблеми со кои се соочуваат превозниците при влез и престој во земјите на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат ограничувањата поврзани со правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена, примената на Шенген-регулативите, како и новите електронски системи за контрола на влез и излез, кои, според превозниците, сериозно го отежнуваат нивното работење.
Проблемите изминатиот период резултираа и со протести и блокади на граничните премини, со што беше забавен транспортот на стоки и предизвикани економски штети за компаниите и земјите од регионот.
Од Европската комисија најавуваат дека се свесни за состојбата и дека целта на средбата е да се разгледаат можни решенија за олеснување на работата на професионалните возачи, без да се нарушат постојните правила на ЕУ.
Се очекува по состанокот да бидат предложени конкретни чекори за подобрување на условите за меѓународниот транспорт и намалување на притисокот врз превозниците од Западен Балкан.












