Министрите за одбрана на НАТО се согласија во Брисел да ја започнат најголемата програма за вооружување од Студената војна и драстично да ги зголемат капацитетите за одвраќање и одбрана во наредните години.
Приоритет се системите за оружје со долг дострел, воздушната одбрана и мобилните копнени единици, а денешниот договор ќе биде на дневен ред на самитот на НАТО, кој ќе се одржи во Хаг на крајот на јуни, пренесува dpa.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека ова е „историски момент“ за Северноатлантската алијанса.
Програмата вклучува нови цели за воени капацитети за секоја членка на НАТО, а секоја од 32-те земји ќе добие список на прецизно дефинирани обврски за заеднички придонес во капацитетите за одвраќање и одбрана.
Овие барања се базираат на проценка на разузнавањето дека Русија, и покрај исцрпувачката војна во Украина, би можела да биде подготвена за војна против една од членките на НАТО за неколку години.
Специфичните цели се строго доверливи, а изворите наведуваат дека спроведувањето на програмата ќе доведе до зголемување на воените капацитети на алијансата за околу 30 проценти.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека за да се исполнат новите насоки, Бундесверот мора да се дополни со околу 60.000 активни војници.
Се очекува во Хаг да се донесе одлука дека сите членки на НАТО мора да издвојат пет проценти од својот бруто домашен производ за војската во наредниот период, но исполнувањето на оваа обврска ќе биде голем предизвик за многу земји, бидејќи некои не успеаја да ги исполнат ниту своите тековни обврски.
Досега, членките имаа обврска да инвестираат најмалку два проценти од својот бруто домашен производ во одбраната, а од самитот во Хаг ова ќе се зголеми на 3,5 проценти, плус 1,5 проценти за поврзани инвестиции, како што се логистика и инфраструктура.
Издвојувањето пет проценти од БДП за одбрана е барање од американскиот претседател Доналд Трамп.
За да ги исполни новите цели, Германија треба да ги зголемува трошоците за одбрана за 0,2 проценти од БДП годишно во следните пет до седум години.
Во тој случај, од минатогодишните 2,1 на целните 3,5 проценти ќе стигнеме во 2032 година, а канцеларот Фридрих Мерц изјави дека секој процентен поен поголем трошок за одбрана значи дополнителни 45 милијарди евра.