Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес на брифинг истакна дека борбата против загадувањето на воздухот ќе се води преку сеопфатен пристап, кој опфаќа контрола на емисиите од индустријата, институциите и домаќинствата, како и меѓуинституционална соработка во сообраќајот, со нулта толеранција кон загадувачите.
– Министерството има краткорочен план за акција и долгорочна програма усвоена од Владата, како и новиот Закон за контрола на емисиите, усвоен во септември 2025 година, кој стапува во сила во септември 2027 година – рече Хоџа.
Тој објасни дека законот воведува значително построги правила за издавање и надзор на еколошките дозволи од категорија А и Б, задолжува индустријата да користи најдобра достапна технологија и предвидува финансиска одговорност при прекршување на правилата. Законската рамка е целосно усогласена со директивите на Европската Унија и е донесена со широк јавен консултативен процес, вклучувајќи граѓанско општество, Стопанската комора и академски институции.
Хоџа најави дека од следната недела ќе започнат средби со претставници на индустриските капацитети со еколошки дозволи од категорија А, за ефективно користење на периодот за адаптација. Новите дозволи ќе се издаваат според построги стандарди, со пониски прагови на емисии, особено за објектите сместени во урбаните зони.
Како дел од мерките, Министерството ќе ја зајакне лабораториската инфраструктура, ќе воведе нови методи за независни контроли, ќе постави јавни екрани кои ќе ги прикажуваат просечните емисии на индустриските објекти и ќе ја примени принципот „ЗАГАДУВАЧОТ ПЛАЌА“. Според овој принцип, индустријата ќе ги покрива трошоците за санација, отстранување на ризикот и компензација за штетата нанесена на животната средина.
– Со овие мерки се менува системскиот пристап на Министерството кон контролата на индустриските капацитети, воведувајќи силни механизми за одговорност и заштита на јавниот интерес – нагласи министерот Хоџа.












