Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, го најавија стартот на проектот за изградба на нова современа спортска сала во општина Аеродром, во вредност од над еден милион евра.
Изградбата на овој нов спортски објект ја реализираат Министерството за спорт и Владата на Република Македонија во соработка со Општина Аеродром.
-Со гордост објавуваме дека денеска беше распишан јавниот повик за изградба на спортската сала во Аеродром. Во краток период ќе биде избран економскиот изведувач и ќе започнеме со изградбата на овој значаен спортски објект – информираше министерот Борко Ристовски.

Новата сала ќе биде лоцирана зад Фудбалската федерација на Македонија и ќе содржи неколку мултифункционални спортски терени, наменети за различни спортови и активности. Со тоа, ќе се создадат современи услови за младите генерации, учениците и спортските клубови од ова подрачје да тренираат и да се развиваат во здрав дух.
-Ова е уште еден од проектите со кои го обновуваме спортскиот дух во Македонија и ја градиме современата спортска инфраструктура во сите општини, во сите градови низ цела Македонија. Нашата цел е јасна – да создадеме здрави, активни и успешни генерации – истакна Ристовски.

Министерството за спорт, во соработка со општините и спортските федерации, продолжува со инвестициите во спортската инфраструктура, кои се предуслов за долгорочен развој и поддршка на македонскиот спорт.













