Министерството за правда на САД ќе ги објави документите за Епстин во рок од 30 дена

8
Фото:википедија

Министерството за правда на САД ќе ги објави документите од својата истрага за покојниот сексуален престапник Џефри Епстин во рок од 30 дена, изјави во средата државната обвинителка Пам Бонди, откако Конгресот гласаше речиси едногласно да ја принуди администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ги објави, пренесе „Ројтерс“.

Материјалот би можел да обезбеди дополнителни информации за активностите на Џефри Епстин, кој се дружел со Трамп и други познати личности пред да биде осуден во 2008 година за подведување малолетници за проституција, потсетува „Ројтерс“.

Откако вети дека ќе објави сè за време на изборната кампања, администрацијата на Трамп пред неколку месеци изјави дека „нема ништо во досиејата, дури ни неговиот список на клиенти“.

Тоа предизвика сомневања дека ги прикрива врските на Епстин со моќни личности и ги замаглува деталите за неговата смрт.

Смртта на Епстин во затвор во Њујорк во 2019 година беше прогласена за самоубиство додека тој се соочуваше со федерални обвиненија за трговија со луѓе. Јавноста сега се сомнева и во првата и во втората администрација на Трамп, како и во Бајден, дека ги прикриваат деталите.

На прес-конференција, Бонди потврди дека Министерството за правда ќе објави материјали поврзани со Епстин во рок од 30 дена, како што е пропишано со законот усвоен во вторник од страна на Претставничкиот дом и Сенатот контролирани од републиканците.

„Ќе продолжиме да го следиме законот и да охрабруваме максимална транспарентност“, рече таа.

Сепак, тоа објавување можеби нема да биде целосно, бидејќи агенцијата би можела да задржи материјали што би можеле да влијаат на истрагите нарачани од Трамп против демократски личности поврзани со Епстин.

Министерството, исто така, ќе ги заштити идентитетите на сите жртви на трговија со луѓе чии имиња се појавуваат во документите, додаде таа.

ИЗДВОЕНИ