Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера оствари средба со делегацијата од Центарот за археологија „Лајбниц“ во Мајнц (Leibniz-Zentrum für Archäologie – LEIZA, Mainz), предводена од генералната директорка, проф. д-р Александра Буш, придружувана од д-р Ингрид Штелцнер и проф. д-р Роланд Шваб.
На состанокот, министерот Љутков го потенцираше значењето на соработката со оваа врвна меѓународна институција, која има водечка улога на светско ниво во областа на конзервацијата на културните добра.
„Соработката со врвни меѓународни институции како Центарот за археологија Лајбниц е од огромно значење за развојот на нашата археолошка наука и заштитата на културното наследство. Убеден сум дека заедно ќе иницираме многу успешни проекти кои ќе придонесат за промоција на богатата историја на нашата земја“, истакна министерот Љутков.
Притоа, посебен акцент беше ставен на можностите за заеднички истражувачки проекти, размена на експерти и примена на современи научни методи во конзерваторските истражувања и конзервацијата на артефактите. Тоа значи дека нашите стручни лица, особено младите конзерватори, ќе добијат можност да се вклучат во меѓународни истражувачки тимови, што ќе придонесе за нивно професионално усовршување и поголема видливост на македонската археологија на светската научна сцена.
Од своја страна, проф. д-р Александра Буш нагласи: „Македонија има исклучително значајно културно наследство и уверена сум дека преку заеднички истражувања и размена на експерти ќе се даде значаен придонес за археологијата и ќе се овозможи современ пристап во заштитата на археолошките богатства“.
Релацијата со оваа престижна институција беше воспоставена во декември минатата година, кога претставници од Министерството за култура и туризам остварија работна посета на Центарот „Лајбниц“. Во изминатите осум месеци беа определени основните насоки за соработка, која вклучува можности за едукација и обука на стручен кадар од нашата земја во Центарот „Лајбниц“, одржување обуки и семинари за конзервација од страна на докажани експерти во Македонија, како и разгледување на можноста за донација на опрема за нашите конзерваторски лаборатории.
Овие активности за соработка претставуваат сериозен исчекор во градењето и надградувањето на професионалните капацитети во нашите институции, како и во доопремувањето и осовременувањето на постојната лабораториска инфраструктура.
Состанокот следува по минатонеделното потпишување на Меморандумот за соработка со Германскиот археолошки институт.

ИЗДВОЕНИ