МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА Ѝ ГИ СТАВИ НА УВИД НА ЈАВНОСТА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ПРАВИЛА: Директори и раководители ќе се избираат на оглас, а не во партија, ќе има етнички баланс, половина ќе бидат жени…

Откако ќе поднесат заинтересираните кандидати документи и програма за работа, посебна комисија за именување при Владата ќе ја достави до надлежниот министер конечната листа со кандидати, а тој, пак, ќе ѝ предложи на Владата да биде именуван еден кандидат, се наведува во предложеното законско решение што ѝ го стави Министерството за јавна администрација деновиве на увид на јавноста, преку системот ЕНЕР, со цел да се добијат критички забелешки. Се работи за законско решение што се чекаше со години, а  има цел запирање на партизацијата на органите на државната управа и на фондовите, каде што најчесто се поставуваат претставници од партиите во владината коалиција што е на власт во тој период

57

Избор преку јавен оглас, повеќегодишно работно искуство во одредена област, водење сметка за соодветна етничка и родава застапеност, самостојност во работата, но и обврска да придонесуваат за спроведување на политиките на Владата и на министерствата… се само дел од новите правила преку кои во иднина ќе треба да се избираат високи раководители во органите на државната управа и во фондовите. Овие, но и други критериуми се содржани во предложеното законско решение што ѝ го стави Министерството за јавна администрација деновиве на увид на јавноста, преку системот ЕНЕР, со цел да се добијат критички забелешки. Се работи за законско решение што се чекаше со години, а има цел запирање на партизацијата на органите на државната управа и на фондовите, каде што најчесто се поставуваат претставници од партиите во владината коалиција што е на власт во тој период.

Во предложеното законско решение се објаснува дека се работи за избор на високи раководители во составот на министерствата, самостојните органи на државната управа, фондовите… односно на директори, заменици-директори, претседатели или членови на комисиите, државни секретари во министерствата, претседатели или членови на управните одбори… Така, во иднина, постапката за нивно именување ќе започнува со објавување јавен оглас.

–  За нив ќе има конкурси, при што ќе се заострат и критериумите за да може некој да конкурира за нив. Ќе биде потребно да се упатени во областа во која сакаат да се ангажираат – изјави неодамна министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

Од предложените услови сега се гледа дека лицето што ќе сака да конкурира за директор или негов замени во некој државен орган или фонд, покрај другото, ќе треба да има најмалку седум години работно искуство од област соодветна на делокругот на работа или надлежноста на органот на управата или фондот. Откако ќе поднесат заинтересираните кандидати документи и програма за работа, посебна комисија за именување при Владата ќе ја достави до надлежниот министер конечната листа со кандидати, а тој, пак, ќе ѝ предложи на Владата да биде именуван еден кандидат или, пак, да не се изврши избор и да се повтори постапката. Во својата одлука, Владата задолжително ќе наведе детално образложение за направениот избор, а на нејзината интернет-страница ќе бидат објавени извештајот за спроведената постапка за селекција и мислењето на комисијата за секој поединечен кандидат, како и предлогот на ресорниот министер. Одбиените кандидати ќе имаат право на жалба пред Управниот суд.

– Функциите на високите раководители се достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови. При именувањето високи раководители, се води грижа за обезбедување соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници, како и за еднаква родова застапеност – пишува во предложеното законско решение.

Законското решение, како што веќе објави ВЕЧЕР, предвидува управните одбори во самостојните органи на државната управа и фондовите да имаат тројца членови, ако не е уредено поинаку со закон. За разлика од досегашната можност во управните одбори да има и по 14 членови, кои добиваа и виски месечни парични надоместоци за тоа, ваквото намалување ќе донесе значителни заштеди во државниот буџет. (Б. Ѓ.)

 

Самостојност во работата, но и обврска да се придонесува за политиките на Владата

На новите раководители на државните органи им се гарантира дека ќе бидат самостојни во вршењето на својата функција со цел да овозможат ефикасност. Но истовремено, во друга предложена одредба од нив се бара со својата работа да придонесуваат за спроведувањето на политиките на Владата и на министерствата. Освен ова, се наведува дека високите раководители не смеат со членството во политичка партија и со учеството во партиските активности да го доведат во прашање вршењето на своите надлежности и одговорности.

 

 

ИЗДВОЕНИ