Министерство за транспорт и врски информира дека во координација со Европска комисија активно се работи на изнаоѓање трајно решение за престојот на македонските превозници во Шенген зоната.
Од Министерството посочуваат дека во изминатиот период ресорните институции се во интензивна комуникација со Европската комисија, со цел прашањето да се реши системски и долгорочно, во согласност со новата визна стратегија што ја промовира Европската Унија.
– Министерството за транспорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија, со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија, каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци, како и можностите за друг вид визи – наведуваат од ресорот.
Воедно, од Министерството потенцираат дека е најавено одложување на примената на новиот Entry/Exit System (EES), при што сите засегнати чинители активно работат на надминување на предизвиците поврзани со неговата имплементација.
Дијалогот со Европската комисија, како што информираат, се одвива преку техничка работна група составена од претставници на сите релевантни министерства и на Европската комисија. Во наредниот период разговорите ќе продолжат со засилена динамика, со цел да се дојде до решение што ќе биде прифатливо за сите страни.
Од Министерството апелираат јавноста и превозниците да не потпаѓаат под шпекулации и непроверени информации што можат да му наштетат на процесот на дијалог, особено кога станува збор за информации кои доаѓаат од соседните држави.
– Секоја држава одлучува самостојно. Македонија продолжува со активен и конструктивен дијалог за изнаоѓање трајно решение – порачуваат од Министерството за транспорт и врски.
(С.Бл.)












