Министерство за надворешни работи на Катар: Авганистан и Пакистан се согласија за итен прекин на огнот

24
Фото: EPA/FAYYAZ AHMAD

Авганистан и Пакистан, вмешани во повеќе од една недела борби во кои загинаа десетици и беа повредени стотици, се согласија за итен прекин на огнот, соопшти Министерството за надворешни работи на Катар.

Двете страни вчера се согласија да воспостават механизми за консолидирање на траен мир и стабилност и да одржат понатамошни разговори во наредните денови за да се обезбеди одржливост на прекинот на огнот, според соопштението од Катар, кој посредуваше во разговорите со Турција. Двете соседни земји се обвинуваат меѓусебно за насилство од почетокот на овој месец, објави „Бета“.

Авганистан негира дека им нуди засолниште на милитанти кои вршат напади во пограничните области.

Пакистан се бори со растечкото присуство на милитанти од 2021 година, кога Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан и се вратија на власт.

Борбите меѓу двете земји се заканија да го дестабилизираат регионот каде што групи како Исламска држава и Ал Каеда се обидуваат повторно да се воспостават.

Четириесет и осумчасовното примирје, наменето за прекин на непријателствата, истече во петокот навечер, само неколку часа откако Пакистан започна прекуграничен напад.

Исламабад наводно ги таргетирал скривалиштата на милитантната група Хафиз Гул Бахадур.

Официјален претставник изјави дека операцијата била директен одговор на самоубиствениот бомбашки напад во воен комплекс во Мир Али, во пакистанската покраина Кибер Пахтунхва.

Авганистанската страна соопшти дека најмалку 10 лица, вклучувајќи жени и деца, биле убиени во нападите.

Двете земји делат граница од 2.611 километри позната како линија Дуранд, но Авганистан никогаш не ја признал.

Пакистан, исто така, го обвинува својот нуклеарно вооружен сосед Индија за поддршка на милитантите, но не достави никакви докази.

ИЗДВОЕНИ