Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ е во болница и е во тешка здравствена состојба, пренесуваат српските медиуми.
Дачиќ е итно примен во болница и е приклучен на апарати за одржување во живот.
Заменик-директорот за пулмологија во Клиничкиот центар на Србија, Спасоје Попевиќ, изјави дека министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ има тешка пневмонија и дека ситуацијата е тешка.
Како што изјави, тој моментално е на респиратор и ги прима сите потребни лекови и терапија.
„Со тој респиратор, кој е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот“, рече д-р Попевиќ.
Блиц пишува дека Дачиќ страда од дијабетес и други придружни болести.
Неговата состојба ненадејно и брзо се влоши во последните неколку дена, а денес беше примен во болница на лекување.
Како што објави Информер, на Дачиќ му е дијагностицирана билатерална пневмонија и неговата состојба брзо се влошува во последните неколку часа.
Дачиќ денес не присуствуваше на комеморацијата на поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор на Сојузна Република Југославија во ОН, Владислав Јовановиќ.
„Жал ми е што од технички причини Ивица Дачиќ, претседател на Социјалистичката партија на Србија, не е присутен тука“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.












