Намалување на бројот на членови на управните и на надзорните одбори, но и на бројот на државни институции, е една од целите на реформите врзани со јавниот сектор во државава. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, за ова објаснува министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој минатата недела најави промени со кратење на буџетските корисници за 40 отсто. Тој тогаш рече дека ќе се почне со кратење на т.н. управни и надзорни одбори и со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Освен тоа, тој најави и кратење на бројот на институции во земјава. Според податоците за 2023 година, во земјава имало 1.371 институција, во кои 128.879 лица имаат засновано работен однос. Во 2022 година имало 129.374 лица во 1.354 државни институции, односно 495 вработени помалку, но и 17 институции повеќе. Истовремено, со години бројот на членови на управните и на надзорните одбори на локално и на државно ниво се движи од 1.000 до 1.300, и тие добиваат месечни парични надоместоци за тоа.
Минчев вели дека уште на самиот почеток оваа Влада јасно истакнала дека работи во интерес на граѓаните. Тоа, според него, го докажале со замрзнување на растот на платите на функционерите и со укинување на Инспекцискиот совет, преку новиот Закон за инспекциски надзор, со што директно се штедат буџетски средства во висина од околу 300.000 евра на годишно ниво.
– Досегашната состојба покажа дека управните и надзорните одбори често се преобемни, со преголем број членови, со што создаваат дополнителни трошоци за буџетот. Неретко членовите беа избирани без јасни критериуми и транспарентност, што резултираше со ограничена ефикасност и со недоволна отчетност во нивната работа. Затоа, сега, со истата определба работиме и на рационализирање и на унифицирање на управните и на надзорните одбори. Нашата цел е намалување на бројот на членови, воведување јасни критериуми и транспарентна постапка за избор. Со тоа ќе се обезбеди поконцентрирана и поефикасна работа на одборите, со професионалци што ќе се избираат според стручноста и компетенциите, а не по партиска линија – потенцира Минчев во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека намалувањето ќе донесе поефикасно управување и директно намалување на трошоците од буџетот. Дополнително, во напредна фаза на подготовка е новиот закон за висока раководна служба, со кој ќе се обезбедат професионализација и стабилна рамка за високиот менаџмент во јавната администрација. Овој закон ќе гарантира дека функционерите во институциите ќе бидат избирани според знаењето, искуството и стручните вештини, а не по партиска линија.
Минчев наведува и тоа дека рационализацијата на институциите е природно продолжение на реформите за ефикасна и рационална држава.
– Овој процес веќе е започнат. Сите инспекторати се веќе под надлежност на ресорните министерства. Дополнително, со спојување и со оптимизација на дел од буџетските корисници, ќе има помалку трошоци, подобра координација и поголема ефикасност во услугите за граѓаните, а ќе се зголеми и ќе се зајакне линијата на отчетност. Приоритет ќе бидат институциите со преклопени надлежности и оние што со години функционираат со минимален број вработени – укажува министерот за јавна администрација.
Според него, овој процес не се прави прекуноќ, тој бара детална анализа и законски измени.
– Работната група веќе активно работи на подготовка на новиот закон за организација на органите на државната управа (ЗОРОДУ). Нашата цел е да имаме видливи резултати во најкус можен рок, а тоа значи помал број институции, поефикасна администрација и подобри услуги за граѓаните – наведува Минчев.
Весникот ВЕЧЕР веќе пишуваше дека во земјава со години беа на сила законските одредби од Законот за јавни претпријатија и од Законот за трговските друштва со кои нивните управни одбори можеле да бројат од 5 до 15 члена, додека надзорните одбори броеле до 5 члена. Со тоа, годишните трошоци на државава само за исплата на овие членови достигнуваа и до три милиони евра. Минатата година беа усвоени измените во Законот за јавни претпријатија со кои бројот на членови на управните одбори се намали од сегашните 15 на 7, односно на 5 членови во општините во кои живеат до 50.000 жители, како и на управните одбори на меѓуопштинските јавни претпријатија. Бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намали од дотогашните 5 на 3 члена. Се регулира и постапката за избор, преку објавување јавен повик за кандидирање потенцијални членови, а паричниот надоместок не може да биде поголем од половина од просечната плата на вработените во одреденото јавно претпријатие, а надоместокот за членовите на надзорниот одбор нема да може да биде поголем од една третина од просечната плата на вработените во тоа претпријатие. Но, ефекти во државните и во општинските јавни претпријатија сè уште нема. (Б. Ѓ.)