Министерот за трговија на САД, Хауард Лутник, се соочи со гласни протести и навреди на вечерата одржана во рамките на Светскиот економски форум, чиј домаќин вчера беше Лари Финк од БлекРок, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со настанот.
Според извештајот, острите коментари на Лутник предизвикаа гласни протести, а некои гости ја напуштија вечерата, по што домаќинот повика на смиреност. Во текстот не се наведуваат детали за содржината на изјавите на Лутник или што извикуваа гостите што негодуваа.
Според „Волстрит џурнал“, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, ненадејно ја напушти вечерата додека Лутник ја критикуваше Европа, што дополнително ја влоши веќе напнатата атмосфера на настанот.
Лагард денеска одби да одговори на прашањата на медиумите за вечерата.
Министерството за трговија на САД и Светскиот економски форум не одговорија веднаш на барањата за коментар. Ројтерс соопшти дека не може независно да ги потврди тврдењата во извештајот.
Кој е Лутник?
Хауард Лутник е министер за трговија на САД и поранешен долгогодишен раководител на инвестициската банка Кантор Фицџералд, долгогодишен пријател на Доналд Трамп кој ја поддржува републиканската визија за враќање на работните места во производството во земјата и прифаќање на криптовалутите.
Тој е силен застапник на царините, особено насочени кон Кина. Тој ја поддржа идејата на Трамп за анексија на Канада, како и царините на Трамп, за кои тврдеше дека се едноставно одговор на тоа како другите земји ги третираат САД во трговијата.
„Европската унија не сака пилешко од Америка. Не сака јастог од Америка. Тие го мразат нашето говедско месо затоа што нашето говедско месо е одлично, а нивното е лошо“, рече тој во емисијата „Фокс њуз“ минатата година. Додаде дека е „неверојатно“ што другите земји не купуваат повеќе американски стоки и ги обвини дека крадат од Америка.












