Во рамките на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој – Мондиакулт, што се одржува во Барселона, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, имаше свои обраќања на тематските сесии „Културни права“ и „Економија на културата“.

Во своето обраќање на тематската сесија „Културни права“, министерот Љутков нагласи дека културата не е привилегија, туку основно човеково право, загарантирано со Уставот на државата. Тој подвлече дека Македонија ја гради својата културна политика врз темелите на меѓународни документи, како Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања.

„Во нашата земја, приоритет претставува поддршката на културното изразување на сите заедници. Дополнително, особено внимание посветуваме на обезбедување еднаков пристап до сите сегменти од културниот живот за младите, за жените и за лицата со попреченост“, изјави Љутков.

Министерот се осврна и на значењето на меѓународната соработка преку партнерства со европските и со светските институции, програми за културна размена, реституција на културите добра и развој на дигитални платформи кои овозможуваат културна достапност за сите.

„Веруваме дека глобалниот дијалог е клучен чекор кон поинклузивна и просперитетна култура“, потенцираше тој.

Во рамките на сесијата посветена на креативната економија, министерот Љутков ја претстави стратегиската определба на Министерството за култура и туризам за поддршка и развој на културните и креативните индустрии и нивно позиционирање на меѓународната сцена.

„Нашата визија е Македонија да стане регионален центар за културна и креативна економија, земја која ги чува своите вредности, но е отворена кон светот“, истакна Љутков.

Тој информираше дека Министерството за култура и туризам веќе спроведе пилот-истражување за индустријата на видеоигри и започнати се активности за мапирање на целиот сектор на креативни индустрии. Овие иницијативи ќе овозможат да се креира рамка за нивен стратегиски развој и да се отворат нови квалификации и вештини во образовниот систем.

На крајот од обраќањето, министерот Љутков подвлече дека нашата земја чекори кон иднина каде што културата и креативната економија ќе бидат двигатели на одржлив развој.

Со учеството на „Мондиакулт“, Македонија како членка на УНЕСКО го зацврсти своето место во меѓународниот културен дијалог и уште еднаш ја потврди заложбата за  градење политики за одржлив развој. Следната Светска конференција ќе се одржи во 2029 година во Ријад, Саудиска Арабија.

ИЗДВОЕНИ