Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, формираше Совет за туризам, стратешко и советодавно тело кое ќе има значајна улога во обликувањето и во креирањето на туристичката политика на Македонија. Целта е унапредување на координацијата и обезбедување системска поддршка за одржлив пораст и развој на туристичката индустрија.

„Конституирањето на Советот значи дека најсложениот дел е зад нас. Воспоставивме функционални сектори за туризам, со јасна цел – да обезбедат ефикасно управување со туристичките дестинации и силна поддршка за стопанството“, посочува министерот Зоран Љутков.

Тој ја истакнува важноста на Советот како механизам за креирање современи, ефективни и одржливи туристички политики и мерки кои ќе испорачуваат конкретни резултати во интерес на туристичкиот сектор и економијата.

Актуелните предизвици со кои се соочува туристичката индустрија е потребата од модернизација на промотивните алатки, дигитализација, зајакнување на дестинацискиот менаџмент и поставување јасни стандарди за конкурентност.

„Од работата на Советот очекуваме и конкретни решенија кои ќе бидат во директна полза на сите чинители во туризмот. Предизвиците се големи и претстои доста работа, но верувам дека заедно можеме да постигнеме мерливи резултати во разумен временски рок. Верувам дека преку овој Совет ќе создадеме функционален механизам за координација, консултации и стратешко планирање што ќе ја насочи нашата работа во наредниот период“, истакнува министерот Љутков.

Инаку, Советот е составен од претставници на туристичките здруженија и асоцијации, високообразовните институции, ЗЕЛС, стопанските комори, како и експерти од областа на маркетингот, стратегискиот менаџмент и туризмот. За претседател на Советот е избран Кристијан Џамбазовски, долгогодишен стопанственик со институционално искуство, кој ќе придонесе за поинтензивна и координирана соработка меѓу Советот и Министерството, со што ова тело и формално го започна својот мандат.

Новиот претседател, пак, ја презентираше предлог-програмата за промоција и за поддршка на туризмот за 2026 година, документ кој опфаќа приоритетни активности, маркетинг-стратегии, интернационална промоција, развој на тематски туристички производи, унапредување на туристичката инфраструктура и зајакнување на капацитетите на локалните дестинации.

Со формирањето на Советот, Министерството ја зајакнува институционалната поддршка за туристичкиот сектор и создава услови за интегрирано, конкурентно и одржливо позиционирање на нашата земја на меѓународната туристичка мапа.

ИЗДВОЕНИ