понеделник, јануари 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Министерот Алиу ги виде катастрофалните услови во Психијатриската болница „Скопје“

Министерот Алиу ги виде катастрофалните услови во Психијатриската болница „Скопје“

721

Катастрофални се условите за престој на пациенти и за работа на медицинскиот персонал во Психијатриската болница „Скопје“. Ова е впечаток кој се добива по денеска објавените фотографии од внатрешноста на оваа специфична болничка институција која ја посети новиот министер за здравство Азир Алиу. Тој заедно со  в.д. директорот Хиса Авдулаи направи обиколка на болницата и се сретна со  здравствениот персонал.

-Констатирани се сериозни предизвици во условите за работа и третман на пациентите, кои бараат итна системска реакција – се наведува во објавата на Министерството за здравство.

На објавените фотографии се гледаат мошне лоши услови во најголемиот дел од просториите во кои престојуваат пациентите и во кои работат медицинските лица.

На една од сликите се гледа тесна соба со повеќе стари и дотраени кревети за пациенти, со речиси целосно искршен плакар наменет за сите пациенти како и одамна неизмиени прозорци.

Во соседната просторија може да се види голема соба за пациенти со неколку кревети, но и бетонски под кој речиси целосно е изронет и со големи дупки, додека влезните врати се целосно исчкртани.

Најлоша состојба, се чини, е во санитарните простории и во тоалетите. На влезот во тоалетите воопшто нема влезни врати, а на ѕидовите се гледа мувла и валканици, а нема ни чешми за елементарни хигиенски работи. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ