Најдобрите студенти ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, најави денеска министерката за образование Весна Јаневска. Таа на прес-конференцијата ги објаснуваше новините во новопредложените закони за високо образование, за квалитет во високото образование и науката и за научно – истражувачка дејност, од кои, првите два се веќе објавени на ЕНЕР системот и достапни за коментари и сугестии од јавноста.
– Споделувам убава вест за студентите што студираат со стипендија од државата на најдобрите 100 светски универзитети или, пак, студираат во Македонија и се добитници на „Инженерски прстен“ или се прогласени за најдобри студенти на Универзитетот. Тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно-научен кадар – најави министерката Јаневска.
Таа објасни дека е утврден нов начин на финансирање на високообразовните установи при што е предвидена развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми.
-Ги зајакнуваме критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од 6 до 7 научни трудови, од кои 3 до 4 треба да бидат објавени во списание со импакт фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме – порача министерката.
Информираше дека за професорите кои се затекнати при избор во звања, ќе има олеснувања на постапката, како и дека новиот закон предвидува еден професор да може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор. Еднаш избрани редовни професори во иднина, по усвојување на законот, ќе имаат реизбор по 7 години. Оние кои се веќе се избрани во редовни професори, нема да бидат опфатени со овој закон, а академската заедница станува единствена на целата територија. Мандатот на ректорите ќе биде 4 години, наместо сегашните 3, а се менува и моделот за избор на ректор.
На новинарско прашање околу реакциите во јавноста дека дел од младите кадри од областа на општествените науки тешко ќе може да ги исполнат тие услови, министерката рече дека се предвидени посебни услови за нив.
– Во базата на Web of science има околу 1.300 списанија што објавуваат трудови од областа на општествените науки. Но, бидејќи сакаме постепено да ги правиме реформите за да добиеме квалитет, решивме да ги исклучиме областите филологија, национална историја, фолклор, археологија и етнологија од Web of science и рековме дека тие можат да објавуваат во списанија со импакт фактор во базата на Scopus. Тоа е големо олеснување и разбирање за периодот на приспособување во кој наставниците ќе треба да ги постигнат резултатите што ќе ги бара сега законот од нив – потенцира министерката.
Таа рече и дека по донесувањето на новата законска регулатива во земјава може да се очекува и намалување на бројот на високообразовните институции. Врзано за студиските програми на кои има мал број на студенти таа рече дека заедно со универзитетите се договориле да се промени систем на таквото студирање.
-Новиот закон го предвидува тоа и ќе воведеме модуларност. Тоа, на пример, значи дека сите студенти што завршуваат правен факултет добиваат диплома за дипломиран правник. Првите две години од студирањето ќе бидат исти за сите студенти, а во вторите две години студентите се насочувани. Тоа ќе важи за сите други факултети – објасни Јаневска. (Б.Ѓ.)
Наместо два одбора за еваулација еден Совет
-Новина е наместо два одбори за акредитација и за евалуација, законот предвидува еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Дефинирање на постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно – истражувачките субјекти и така натаму. Анализиравме структури на ваков тип институции во други земји и цениме дека новата организациска поставеност на АКВО ќе даде подобри резултати – додаде министерката.












