МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ, ВЕСНА ЈАНЕВСКА, НАЈАВУВА НОВ ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ: Веќе нема да има вечни универзитетски професори, ќе одат на реизбор на секои седум години

Министерката објасни дека во новото законско решение планираат да ги вратат критериумите за избор во универзитетски звања, при што за редовните професори се воведува реизбор на секои седум години, а за менторите на секои пет години.

882

Универзитетските професори веќе нема мирно да си ја чекаат пензијата по изборот на функцијата, туку на секои седум години ќе одат на реизбор за да си ја задржат позицијата. Во спротивност, ќе им престане работниот однос и ќе мора да бараат друго работно место. Ова е една од значајните новини што се содржани во новиот закон за високо образование, кој е во завршна фаза и кој наскоро ќе биде ставен на увид на јавноста преку системот ЕНЕР. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на брифингот со новинари рече дека повторно ја враќаат обврската укината во време на министерувањето на Рената Дескоска. Во новите законски одредби има повеќе новини.

– Прво, ги враќаме критериумите за напредување во звања. Министерката Дескоска ги укина комплетно и тогаш ни се случи падот на високото образование кое и претходно не беше на високо ниво. Сега ги враќаме критериумите за избор во звања. За редовните професори воведуваме реизбор на секои седум години. Досега, тие на 40 години стануваа редовни професори и мирно си ја чекаа пензијата на 67 години имајќи го звањето доживотно. Сега, на секои седум години ќе одат на проверка, а менторите на секои пет години за да  не се случува ситуација еднаш ментор, секогаш ментор. Критериумите за реизборот и кој ќе го врши, ќе бидат предвидени со новиот закон – објасни Јаневска.

Таа рече дека не очекува поголем отпор за новината бидејќи таа нема да се однесува на веќе избраните редовни професори туку на помлади генерации кои допрва ќе стануваат универзитетски професори. Целта, според неа, е нашите високообразовни институции да напредуваат на „Шангајската листа“.

– Младите ми велат дека „така треба“. За да има напредување, еден наш универзитет треба да има околу 1.200 трудови со импакт фактор, а ние сега правиме од 300 до 500 годишно. Редовните професори ќе имаат и обврска да поднесуваат апликации за проекти без оглед дали ќе им биде прифатена или не – нагласи министерката.

Со новиот закон ќе се воведе и поинаков начин на финансирање на универзитетите. По усвојувањето на законот, тие ќе бидат должни да доставуваат петгодишен план за свои финансии, поделен по секоја година. Доколку еден универзитет оствари 75 проценти од предвиденото годишно трошење, ќе добие стимул од уште 20 проценти средства. И обратно, ако не го оствари планот за трошење, средствата ќе му бидат намалени за 20 проценти. Освен ова, во Универзитетски совет се планира да има и владини претставници за да има Владата увид во трошењето бидејќи таа обезбедува простор, плати, опрема и субвенции за студентите и треба да знае како се трошат парите.

Министерката Јаневска најави дека во Македонија ќе постои и т.н. Ѕид на срамот, за изработени дипломски и магистерски трудови. Во одговорот на новинарското прашање до кога ќе се толерира појавата со која преку јавни огласи може да се купи готов магистериум или докторат за 300-500 евра, таа одговори дека се размислува за две новини.

– Размислуваме да направиме една платформа која сега ја разработуваме и на која целосно ќе ги објавуваме магистериуми и докторати со рецензии и со потписи на професорите. Тоа би било нешто што се вика Ѕид на срамот за докторати и магистериуми. Билтените на УКИМ, на Универзитетот „Гоце Делчев“ и другите никој не ги чита. А се зборува дека на разни универзитети и факултети поминуваат докторати и магистериуми кои се на ниво на ученички трудови – наведува министерката.

Според неа, тогаш кога ќе бидат објавени сите трудови, академската заедница ќе може да ги критикува тие што треба да бидат критикувани, а тие да може да се бранат.

– Мене би ми било срам да ставам свој потпис на нешто што не е вредно. Но, има и такви луѓе – рече Јаневска.

Втората мерка која се планира е магистерските и докторските теми да одат на оглас кај студентите и професорите.

Тоа го има на некои странски универзитети, како во Антверпен. Кај нас е вообичаено менторот да им ја нуди темата и да им го нуди проектот на студентите. Добрите практики на големите универзитети велат дека Министерството за образование или други го објавуваат тоа што ѝ е потребно на земјата. На пример, во областа на медицината да се развие некој лек или во технологијата да се развие некој нов софтвер. Потоа, професорите и студентите конкурираат на тие теми – објасни Јаневска, додавајќи дека ќе се унапредува платформата Плагијати.мк, која сега е многу стара.

– Целта е да се стави крај на студенти кои купуваат дипломски и магистерски трудови, ги препишуваат или ги креираат со помош на вештачка интелигенција – рече таа. (Б.Ѓ.)

Ќе има мост меѓу новите згради на ФИНКИ и ФФК кај универзитетскиот кампус

Министерката Јаневска информира и дека новите згради на Факултетот за физичка култура и Факултетот за информатички технологии во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје ќе бидат поврзани со мост. Се работи за објекти кои со години стојат незавршени, а чија доградба неодамна е најавена.

– Досега е направена комплетна анализа на постојните згради за да се види во каква состојба се тие. Во овој момент е објавен тендерот за нивно репроектирање и очекуваме да се јават заинтересираните фирми. Колку што знам, новина ќе биде што двете згради ќе бидат поврзани со мост, а тоа е предлог на професорот Горан Марковски од Градежен факултет. Преку таква врска ќе се преминува од една во друга зграда. Освен ова, фасадата ќе биде нова, модерна, а не барокна. Кога ќе заврши репроектирањето, ќе може да се објави тендер за конечна изградба – објасни Јаневска.

 

ИЗДВОЕНИ