
Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мосфелд, денес ја презеде претседателската функција со Арктичкиот совет, главниот форум за меѓудржавна соработка во регионот, во дипломатски чувствителен момент поради тензиите околу данската територија.
Советот ги вклучува САД, Канада и пет нордиски земји, а Русија беше суспендирана од него во 2022 година по нападот врз Украина. „Во сегашниот геополитички контекст, особено е важно да одржиме форум на сите арктички земји и народи во регионот“, рече министерката.
Таа беше назначена да го преземе претседателството со Советот во име на Данска, бидејќи Гренланд е самоуправна данска територија, објави Le Figaro.
„Не сакаме да бидеме Данци или Американци“, рече министерката, како одговор на тензиите предизвикани од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази желба да го контролира Гренланд.
Данска постави пет приоритети за следните две години од нејзиното претседателствување со Советот. Тоа се борба против климатските промени, прашања на домородните народи, одржлив економски развој, енергетска транзиција и биодиверзитет, пренесува Танјуг.