Министер објави видео како вози со брзина од 225 км/ч, а во позадина ечи народна песна: „Честитката“ пристигна

948
Фото: Abdulkadir UraloĞlu/x

Турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу се заиграл додека вози по автопат, а видеото од автомобилот што самиот го објави го чинеше скапо.

Во неделата вечерта, Уралоглу сподели на социјалната мрежа X видео од себе како вози со голема брзина по автопат во близина на главниот град Анкара, слушајќи народни песни и исечоци од говорот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

На неколку одделни снимки, на кои може да се види и брзинометарот, јасно може да се види дека достигнува брзина помеѓу 190 и 225 километри на час. За споредба, ограничувањето на брзината на тој автопат е 139 километри на час, наведува Гардијан.

Не му требаше долго време за да добие непријатна честитка. Само неколку часа подоцна, тој објави ново видео во кое признава дека е казнет за пребрзо возење. Додава дека со објавувањето на видеото, самиот паднал во стапица.

„Седнав зад воланот за да го проверам автопатот Анкара-Нигде и ненамерно накратко го надминав ограничувањето на брзината. Всушност, се осудив себеси со видеото“, напиша министерот и вети дека отсега ќе биде „многу повнимателен“.

На казната, која ја објави и тој, пишува дека возел 225 километри на час, за што мора да плати 9.267 турски лири, што е околу 194 евра.

По непријатното искуство, министерот апелираше почитувањето на ограничувањето на брзината да биде „задолжително за сите“.

ИЗДВОЕНИ