Без оглед на тоа дали работодавачите сакаат или не, платите мора да растат. Познавачите на состојбите на пазарот на труд велат дека ако минималната плата во наредните две години не се зголеми на 850 евра, а просечната од 1.200 до 1.500 евра, Македонија ќе остане без работна сила. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ќе го ревидираат барањето за 500 евра минимална плата и оти наскоро ќе го објават новото барање за минимална плата која ќе биде повисока од 500 евра. Земјите во регионот ја зголемија минималната плата, а македонските работници останаа единствени во регионот што земаат минималец под 500 евра.
Зголемувањето на инфлацијата е уште еден податок кој говори во прилог на тоа дека платите треба да растат. Статистика пресмета дека во октомври годинава има пораст на трошоците за живот за 4,5 отсто во споредба со истиот месец лани.
– Ние ќе имаме проблем со обезбедување на работна сила бидејќи малиот пазар на трудот прави да имаме една доза подреденост. Дали ќе успееме да се професионализираме повеќе од тоа што сме денес, зависи од тоа како системот ќе биде поставен да функционира. Ако работникот, борејќи се за одреден статус во општеството нема можност да напредува, сигурно дека нема да го даде својот максимум, вели Зоран Кочовски, сопственик на Агенција за посредување при вработување во странство.
Според него, сакале работодавачите или не, платите ќе растат. Работодавачот е условен да дава поголема плата затоа што нема избор на работна сила во Македонија.
– Сите се соочуваме со потребата да имаме работна сила која ќе биде посветена, која ќе го даде својот придонес во напредување на компанијата. Намалувањето на капацитетот на слободна работна сила во Македонија ќе стави во позиција да мораме да ги зголемиме платите. Ако минималната плата во наредните две години не се зголеми на 850 евра, а просечната од 1.200 до 1.500 евра, Македонија ќе остане без работна сила, вели Кочовски.
И синдикатите сметаат дека платите треба да растат за да не ни се случи егзодус на работна сила. Останавме на дното во регионот по висината на минималната плата, која од наредната година во сите земји ќе биде преку 500 евра.
– Барањето за 500 евра минимална плата е веќе застарено и ќе го ревидираме на повисоко ниво. Ќе бараме ново зголемување, кое ќе биде над 500 евра бидејќи сите земји во регионот нè поминаа и со минимална и со просечна плата. Во март, со усогласувањето, минималната плата ќе се зголеми за 1.500 денари и повторно нема да имаме 500 евра минимална плата. Државата треба да создаде услови и да ги натера работодавачите да ги зголемат платите и да не се жалат дека немаат работници, велат од ССМ.
Веќе е доцна за 500 евра минимална плата бидејќи трошоците за живот растат со многу побрзо темпо. Според статистиката, живејачката поскапела за 4,5 отсто во споредба со истиот месец лани, а цените во маркетите пораснале за 2,8 отсто. Податоците покажуваат дека трошоците на годишно ниво се зголемени за седум проценти, а, пак, на месечно ниво трошоците стагнираа, односно нема промена во однос на претходниот месец.
Ако го проанализираме извештајот, може да се забележи и дека освен трошоците за храна, во месец октомври има зголемување и кај трошоците за набавка на облека од три отсто, во делот на рекреацијата граѓаните имаат зголемени трошоци за една година од 7,8 отсто. Ресторанските и хотелските услуги, пак, во анализираниот период се пораснати за 0,2 отсто. Трошоците за здравствени прегледи, пак, бележат пораст од 2,1 проценти.
(А. С.)











