Следната недела треба да се одржи седница на Економско-социјалниот совет на која се очекува да стане збор и за минималната плата. Од Владата остануваат на ставот дека ќе се согласат со решението што ќе го договорат синдикатите и работодавците, а бизнис-секторот се надева дека ќе биде прифатен неговиот предлог за олеснувања во делот на придонесите за сметка на зголемувањето на минималната плата.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, го повтори ставот на Владата дека ќе го почитуваат секое решение донесено со консензус меѓу работодавците и синдикатите, а сè додека нема договор, ќе важи Законот за минимална плата, односно зголемувањето ќе биде според добропознатата формула.
– Тоа е закон и е донесен со еден општ консензус на сите три страни во социјалниот дијалог и, како таков, мора да се почитува. Секоја одлука што треба да се носи понатаму, исто така, треба да биде донесена со консензус на сите три страни – изјави Ристески пред почетокот на конференцијата „Достоинствена работа – вистински пат кон праведно општество“.
Од Бизнис-конфедерацијата велат дека секогаш постои можност и дека секогаш е потребно да се зголемува платата, но дека тоа треба да го прават оние што реално можат.
– Економијата не е секаде еднакво развиена на територијата на нашата држава. Центарот на економските активности е концентриран во Скопје и во Скопскиот Регион, а другите градови сè уште немаат сериозен обем и немаат големи приходи и голем профит, така што треба да се биде свесен за економската состојба и да можеме да најдеме заеднички договор со синдикатите – изјави Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.
Бизнис-конфедерацијата се надева дека ќе биде прифатен нејзиниот предлог да има зголемување на платата, но придонесите да останат на истото ниво како досега.
– Намалување на придонесите во однос на покачувањето за износот на зголемувањето. На пример, ако биде минималната плата 25.000 или 30.000 денари, покачувањето да биде олеснето, а другите придонеси што досега се исплаќале на претходниот износ на платата, да останат на исто ниво – појаснува Бошков.
Зголемување на минималната плата бараат од Сојузот на синдикатите на Македонија, а како аргументи ги посочуваат зголемените трошоци за живот. Во анкета спроведена од ССМ во ноември, најголем дел од испитаниците се изјасниле дека минималната плата треба да биде 600 евра. На прашањето: „Колку треба да изнесува минималната плата?“, од 1.613 испитаници, 45,2 проценти сметаат дека треба да се зголеми таа на 600 евра, 42 проценти сметаат дека треба да изнесува над 700 евра, а 12,8 проценти од испитаниците дека треба да биде 500 евра.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати очекуваат на ЕСС да се разговара и за прашањата поврзани со додатоците на плата во јавниот сектор.
– Сè уште немаме одржано седница на Економско-социјалниот совет, но се надевам дека ќе се разговара за минималната потрошувачка кошница, за минималната плата, прашање што го отвораат синдикатите, но и за други важни теми. Има прашања поврзани со додатоците, со платите во јавниот сектор, кои со години останаа на исто ниво, и затоа не смееме да дозволиме некој да биде ставен во подредена положба или да се чувствува изоставен. Во тој правец треба да покажеме дека преку социјален дијалог може да се решат сите горливи прашања од областа на трудот – изјави претседателот на ККС, Благоја Ралповски.
Статистичките податоци објавени од Заводот за статистика за ноември покажуваат дека трошоците за живот на годишно ниво се зголемени за четири проценти.












