Минималната плата од 500 евра ќе почека. Седницата на Економско-социјалниот совет заврши, но без договор за пораст на минималната плата. Ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата. Од ССМ изразија разочарување, посочувајќи дека минималната плата во земјава ќе остане најниска во регионов. Работодавачите, пак, сметаат дека не е моментот за зголемување на минималната плата и дека малите и средните претпријатија нема да го издржат тоа.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека ова прашање било отворено по барање на Сојузот на синдикати, но дека како Влада нема да носат ад хок решенија како претходната влада.
– Беше побарано од ССМ да се стави како точка на дневен ред. Како Влада работиме на тоа да се подобри стандардот на граѓаните. Ако се усогласат синдикатите и работодавачите, ќе ги поддржиме, не може да држиме една страна. Во јавната администрација платите се зголемени, во образованието, здравството, полицијата. Нема да ги водиме политиките како претходната власт и да носиме ад хок решенија, треба да ја видиме и продуктивноста и не може да ја зголемиме инфлацијата, рече Дурмиши.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека нема изгледи за зголемување на минималната плата пред распишување на локалните избори, затоа што работниците не биле продуктивни и овие плати им биле доволни.
– За жал, големо разочарување, нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу барал, дека работниците многу бараат и дека им е доста, дека со тие плати треба да бидеме среќни што ги добиваме. Имаше обид да нè искараат затоа што многу сме барале за работниците. Тоа што загрижува е што Владата беше уедначена со ставовите на работодавачите, рече Трендафилов.
Тој посочи дека работодавачите, за жал, сметале дека нема простор за зголемување на минималната плата и дека доволно ги плаќаат работниците, како и дека работниците не биле продуктивни.
Трендафилов посочи дека била прифатена иницијативата на ССМ да се разговара за платите на вработените во приватниот сектор, во јавниот сектор како и за порастот на минималната плата. До средината на идниот месец, како што рече, ќе имаат седница на Претседателството и на Советот на ССМ, каде што ќе се одлучува какви понатамошни чекори ќе се преземат.
– Краткиот временски период што го имаат на располагање пратениците и Владата до распишување на локалните избори не е охрабрувачки. Македонските работници веројатно ќе останат со најниска плата во регионот, рече Трендафилов.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати, кои добија репрезентативност, претходно изјавија дека се за зголемување на платите, но дека треба да се разгледа опцијата тоа да не предизвика потреси во инфлацијата бидејќи ако се зголеми инфлацијата, зголемувањето ќе го изеде инфлацијата.
Од Организацијата на работодавачи предупредуваат дека треба да се биде внимателен во овој период имајќи ги предвид предвидувањата за економски пораст во еврозоната и царините што ги воведуваат САД кон Европа.
– Она што сакам да го кажам е дека секогаш зборуваме дека во овој период треба да бидеме малку повнимателни бидејќи зборуваме за намалена продуктивност, а малите и средните претпријатија не ќе може да го издржат порастот на минималната плата, а ќе мора да ги поттикнат вредните и продуктивните работници. Треба да бидеме внимателни особено ако знаеме дека е предвидено економски пораст од еден отсто во Европската Унија и ако гледаме дека Америка воведува царини, а сето тоа директно или индиректно ќе се одрази на нашата економија – изјави претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето излагање на седницата на ЕСС рече дека ако има волја и од страна на социјалните партнери, ќе донесеме решение во интерес на граѓаните.
– Оваа Влада има јасна слика за реалната состојба во која живеат граѓаните. Свесни сме за тешкиот живот, знаеме дека предизвиците се реални и дека стандардот не може да се подобри преку ноќ. Знаеме и дека ако сите навистина веруваме во тоа дека интересот на граѓаните е поважен од личните или политичките разлики, сигурен сум дека можеме и ќе донесеме добри решенија, истакна премиерот Мицкоски на Економско-социјалниот совет во Владата.
Мицкоски истакна дека изминатава година работеле посветено, тивко, без многу врева, но со јасна цел да се поместат работите од мртва точка.
– Тоа се гледа по статистичките параметри. Во мај нето и бруто-платите пораснаа за во просек 11 %. Во образованието, здравството, администрацијата и полицијата веќе има повисоки плати. БДП на реална основа во првиот квартал порасна за 3,2% со што остваривме четврти најголем пораст на БДП. Ако некој пред една година речеше дека Македонија ќе има ваков параметар, тогаш сите ќе му се смееја. Денес тоа е факт, резултатите зборуваат сами за себе. Индустриското производство во мај порасна за 9,4% во споредба со истиот месец минатата година, што значи дека во вториот квартал, прв пат по не знам колку години, очекуваме да имаме пораст на индустриското производство. Тоа не е случајност, тоа е резултат на системски чекори и на економски политики кои се базираат на фискална дисциплина и поддршка на реалниот сектор. Ако сакаме да имаме економија што произведува, тогаш мора да имаме држава што поддржува во рамките на своите можности, истакна Мицкоски.
(А.С.)