Дебатата за минималната плата од улица се префрли во Собранието, а судирот стана уште пожесток. Се бара промена на системското решение за минималната плата, бидејќи Синдикатот реши да игра на една карта сè или ништо. Додека за едни прашањето за зголемување на платите останува заглавено во ќор-сокак, за други има решение, но за да се дојде до него, социјалните партнери треба да седнат на маса. За пратениците од власта, минималецот стана дневнополитичка тема отколку реално барање, а за опозицијата прашањето за минималната плата е итна потреба на работниците, која не може да чека.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информира дека во земјава има вкупно 700.000 вработени, од кои 100.000 во јавниот сектор, а 600.000 во приватниот сектор.
– Знаеме дека од нив, 30.000 што добиваат минимална плата се регистрирани како индивидуални трговци, кои не зависат од својата минимална плата, туку и од приходите што влегуваат во нивните фирми. Ако се гледа овој број во проценти, кои се трговци поединци, околу три-четири отсто е процентот на вработени што имаат минимална плата во нашата држава. Сите други имаат поголема плата од минималната и ние сме задолжени да се грижиме за овие вработени од три или четири отсто – рече Дурмиши.
Тој потенцира дека, како Влада, досега неколкупати изјавиле дека не се против зголемување на платите или на минималната плата и дека го покажале тоа на дело со зголемувањето на платите во јавниот сектор, во здравството, во образованието, во Министерството за одбрана…
Во врска со вредноста на минималната плата, министерот рече дека ние сме пред земјите од регионот во врска со куповната моќ преку минималната плата.
– Можеме да имаме и минимална плата од 1.000 евра, но колку вреди таа плата? Ние имаме поголема куповна моќ од Чешка, Литванија, Албанија, Црна Гора, Турција, но ние треба да ги достигнеме европските земји како Белгија, Германија, Хрватска итн. И ако имаме минимална плата со ад кох одлука, како што е барањето, кое велиме дека е политичко барање, ќе се намали куповната моќ и ќе се зголеми инфлацијата – изјави министерот Дурмиши.
Пратеникот Бојан Стојаноски рече дека кога биле опозиција, застанале со работниците затоа што имало реален проблем: доцнеле платите, не се почитувале колективните договори и се подготвувале законски измени со кои требало да се исфрли минималната плата од формулата за пресметка.
– Тогаш, заедно со синдикатите, поднесовме над 40 амандмани и го спречивме тој обид. Не дозволивме да биде отстранета минималната плата од системот. Тоа е причината за тоа што денес, кога расте минималната плата, растат и другите примања. Разликата е суштинска. По две години управување со државата, не зборуваме за барања, зборуваме за реализирани договори. Во општините, платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари, во основното и во средното образование обезбедивме раст од 46 отсто до 60 отсто во четиригодишен период, во високото образование зголемувањето е минимум 14 отсто, во здравството – од 40 до 50 отсто. Полициските службеници добија 10 отсто, социјалните работници 20 отсто, а околу 11.000 административци, судски и обвинителски службеници имаат гарантирано покачување од 40 отсто до 2028 година. Сите колективни договори се почитувани, платите се исплаќаат редовно, а инфлацијата е стабилизирана – изјави Стојаноски.
Според него, власта не бега од одговорност, но решенијата мора да се носат институционално – во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ги штити и економијата и буџетот.
Пратеничката и потпретседател на СДСМ, Јованка Тренчевска, изјави дека законот за минимална плата предложен од нивната пратеничка група треба да биде поддржан како одговор на зголемените трошоци за живот. Според неа, работниците се притиснати од цените и не може да ги покријат основните потреби, поради што барањето за минимална плата од 600 евра, како што наведува, е прашање на елементарна економска сигурност.
Тренчевска ја поставува дилемата како избор меѓу комодитетот на институциите и стандардот на граѓаните, со порака дека буџетските приоритети се политичка одлука, а не природна појава. Таа го повика владејачкото мнозинство да го поддржи законот без одлагање и калкулации, инсистирајќи дека јавноста очекува конкретна одлука, а не нова рунда префрлање одговорност.
Во исто време, синдикалниот притисок ја стеснува маневарската зона на Владата со ултиматум: ако не се постигне договор за минимална плата од 600 евра и паралелно зголемување на другите плати, можно е сценарио на масовни протести и штрајк. Тука се поставува прашањето дали Владата ќе ја смени формулата и ќе излезе со јасна финансиска конструкција или ќе остане да се решава минималецот на улица.
(А. С.)












