Дел од бизнис-секторот смета дека зголемувањето на минималната плата над 500 евра како што бараат синдикатите, може да стави клуч на врата на малите бизниси. Во државата има цели сектори, како на пример, во занаетчиството, во текстилната, во кожарската индустрија, кои земаат плата под 30 илјади. Поради тоа, работодавачите сметаат дека со зголемувањето на минималецот, овие фирми треба да го намалат бројот на вработени или да стават клуч на врата. Дел од работодавачите, пак, сметаат дека помалите фирми ќе имаат финансиски проблеми, но нема да дојде до нивно затворање. Тие се согласни дека за да се зголеми минималецот, државата треба да ги субвенционира придонесите за зголемениот дел од минималецот.
– Ние остануваме на ставот дека минималната плата не треба да се зголеми паушално, туку врз основа на економските критериуми, продуктивноста, просечната плата, БДП… Проблем е што во државата има цели сектори чија просечна плата е помала од 30 илјади денари. Овие сектори ќе бидат силно погодени од зголемување на минималцот, односно ќе треба или да го намалат бројот на вработени или да стават клуч на фирмите. Поради тоа, минималната плата може да се зголеми на ниво на гранки, а тоа да се реши со индивидуални колективни договори. На тој начин, трудоинтензивните сектори ќе се заштитат од пропаѓање и нема да се наруши нивната конкрентска способност, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организација на работодавачи.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков. смета дека компаниите со плата под 30 илјади ќе имаат сериозни финансиски проблеми, може да дојде до намалување на бројот на вработени, но нема да ги затворат фирми.
– Самостојните вршители на дејност и занаетчиите нема да престанат да работат затоа што од тоа живеат. Но, доколку се зголеми минималецот, може да има финансиски последици и намалување на бројот на вработени. И на државата не и одговара да се затворат фирмите затоа што ќе се зголеми товарот во општеството врз основа на социјални придонеси, изјави Бошков за ВЕЧЕР.
Тој се надева дека ќе биде прифатен предлогот на синдикатите да има зголемување на платата, но придонесите да останат на истото ниво како досега.
– Намалување на придонесите во однос на покачувањето, за износот на зголемувањето. На пример, ако минималната плата биде 25.000 или 30.000 денари, покачувањето да биде олеснето, а останатите придонеси кои досега се исплаќале на претходниот износ на платата, да останат на исто ниво, појаснува Бошков.
И претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски, смета дека платите треба да растат според продуктивноста, а не произволно.
– Платите треба да се зголемуваат во согласност со порастот на продуктивноста. Предлогот на ССМ да се зголеми минималната плата на 500 евра ќе создаде финансиски притисок врз компаниите бидејќи тоа ќе повлече корекција и на сите други плати. Зголемувањето на минималната плата автоматски предизвикува притисок и на повисоките плати во компанијата, што значи дополнителни трошоци за работодавачите, вели Ѓорѓиевски.
Тој предлага воведување на систем за мерење на продуктивноста, и во приватниот сектор и во државната администрација, за да се овозможи фер распоред на платите според постигнатите резултати.
Во моментов, минималната плата во Македонија изнесува 24.400 денари, а околу 35 илјади вработени земаат плата по оваа основа.
(А. С.)












