Со законското усогласување со растот на пресметаната просечна плата на годишно ниво за 2025 година, а што треба да се случи во март следната година, минималецот ќе порасне само 1.600 денари и ќе изнесува 26.000 денари (423 евра), покажуваат пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Со таа сума, минималецот во Македонија ќе биде најмал од сите земји во регионот, од каде што најавија зголемување на најниската плата по Нова година.
– Во Македонија, минималната плата во моментов изнесува 397 евра и според најавите на Владата, таа нема да се менува до март 2026 година, кога планираат само законско усогласување, кое нема да биде поголемо од 1.600 денари – велат од ССМ.
Дали ќе има интервентно зголемување на минималната плата надвор од Законот, според премиерот Христијан Мицкоски, ќе биде предмет на дијалог меѓу синдикатите и работодавците.
– Што се однесува до минималната плата, имаме Закон и во целост го почитуваме тој Закон. Дали ќе има некое интервентно зголемување надвор од Законот, тоа е предмет на дијалог што го водат синдикатите со работодавците. Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам да се отвори тоа прашање таму, така што ние, како Влада, ќе го прифатиме секое решение што ќе го договорат работниците и работодавците – изјави Мицкоски.
Во Косово, минималната плата ќе се зголеми во две фази, и тоа по Нова година ќе порасне од 350 на 425 евра, а од јули 2026 година ќе изнесува 500 евра или зголемување за 150 евра. Од 1 јануари 2026 година, Албанија ќе ја зголеми минималната плата на 500 евра, а Владата ќе ги субвенционира и дополнителните трошоци за осигурување за вработените во приватниот сектор со 90 милиони евра за период од девет месеци (тоа што го бараше ССМ).
Владата на Србија одлучи да ја зголеми минималната плата и таа од октомври 2025 година веќе изнесува 500 евра, а од јануари 2026 година ќе биде 550 евра.
Економско-социјалниот совет на Република Српска (БиХ) се согласи од јануари 2026 година минималната плата да изнесува 512 евра за неквалификуваните работници, 538 евра за квалификуваните работници, за среднистите ќе биде 564 евра, за работниците со виша 692 евра, а за факултетски образованите работници – 743 евра. Во моментов, минималецот во БиХ изнесува 511 евра. Во Црна Гора, минималната плата изнесува 600 евра за работниците со средно образование, а 800 евра за работниците со високо образование.
(С. Бл.)












