Преговорите за минималната плата се во целосен застој, а надежите на работниците за повисоки примања засега остануваат неисполнети. Наместо договор и конкретни бројки, масата за преговори донесе нови несогласувања меѓу синдикатите, работодавачите и Владата, продлабочувајќи ја неизвесноста во време на растечките трошоци за живот. Дебатата за минималната плата заглави помеѓу можностите на работодавачите и потребите на работниците. Проблемот, наместо да се движи кон решение, уште повеќе се продлабочи поради фактот што Владата ја префрли топката кај работодавачите што треба да се договорат со работниците, а кои, во суштината, имаат спротивставени интереси.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, клучот на проблемот е што не може да се очекува решение онаму каде што има спротивставени интереси.
– Оние за кои се преговара, а тоа се работниците што се на минималец, односно компаниите кои исплаќаат минимална плата, никаде ги нема. Овие компании не се членови ниту на Синдикатот ниту на големите бизнис-асоцијации. Тоа се компании од текстилна, кожарска, преработувачка индустрија… Занаетчиите се членови на нашата конфедерација и тие се организирани. Ние секој ден преговараме со микро и со мали бизниси, односно со занаетчиите, самостојните вршители на дејност, фриленсерите, консултантите и компаниите – човек фирма од кои повеќето се на минималец. Значи, околу 15 до 20 илјади работници земаат минимална плата и за нив ќе биде проблем, бидејќи нема да можат да исплатат повисок минималец, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бошков.
Тој вели дека Законот за минимална плата ќе биде на штета на овие фирми бидејќи тие ќе бидат ставени во ситуација да продолжат да работат или да затворат.
– Ако се зголеми минималецот од 400 на 600 евра, односно тоа се 12 илјади денари покачување, трошокот за таа плата ќе изнесува 6.300 денари. Односно, компанијата ќе има дополнителен трошок за придонеси од околу 100 евра за еден вработен. Така, ако се работи за мала фирма од 5 вработени, тогаш на работодавачот му треба уште 1.500 евра чист приход за да ги исплати платите на тие работници, појаснува Бошков.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, нагласи дека поради тоа што Владата одбила да ги субвенционира придонесите во период од 12 месеци како што побара бизнис-секторот, изгубила 10 милиони евра бидејќи, како што посочи, работодавачите по една година ќе ги плаќаа придонесите за сите работници на кои ќе им ја зголемеа платата за 6.000 денари. Според него, за една година, Владата изгубила 120 милиони евра во буџетот по однос на придонеси за задолжително социјално осигурување.
– Минатогодишниот договор со работодавачите немаше да ја чини Владата ниту денар, а денес буџетот ќе имаше 10 милиони евра од придонесите за задолжително социјално осигурување, затоа што работодавачите беа 90 отсто подготвени да се зголемат платите за 6.000 денари. За тие 6.000 денари, Владата, всушност, би ги префрлала парите „од едниот џеб во другиот“ бидејќи средствата би останале во буџетот – преку субвенционирање или ослободување од придонесите што би значело и помали дотации за пензискиот систем, изјави Трендафилов.
Тој појасни дека ние не бараме да плаќаат за газдите како што некој сака да каже, не бараме тие да ги плаќаат платите, работодавачите ќе ги исплатат платите, но тие да се откажат од делот од колачот.
За Владата, пак, не е прифатливо работодавачите да ги зголемуваат платите, а државата да ја покрива разликата во придонесите.
(А. С.)












