Австралијката Мекензи Литл, која успешно ја комбинира својата кариера како доктор со професионалниот спорт, освои бронзен медал во фрлање копје на Светското првенство во атлетика во Токио. Само пред една недела, таа го спасила животот на човек што доживеал срцев удар додека работел во одделот за итни случаи, објавува „Дејли мејл“.

Литл имаше брилијантен почеток во финалето, постигнувајќи го своето најдобро фрлање од 63,58 метри во првата серија. Еквадорката Џулизи Ангуло ја надмина со национален рекорд од 65,12 метри во втората серија, фрлање вредно злато, додека Летонката Анете Сиетина го обезбеди среброто во својот последен обид (64,64 метри).

Доктор Литл работи со полно работно време во Кралската болница Норт Шор во Сиднеј, но, сепак, наоѓа време да патува и да се натпреварува на митинзите од Дијамантската лига.

  • Лесно е да се каже дека имам постигнато рамнотежа и дека совршено функционираат работите кога имам убав медал околу вратот. Но, дури и кога ми беше тешко, јас си велев дека ова е најдоброто нешто за мене. Најдобро се натпреварувам кога сум навистина среќна и исполнета во животот, а мојата работа толку многу ме исполнува – рече Литл.

Медалот претставува и еден вид искупување по разочарувачкото последно место во финалето на Олимписките игри во Париз.

  • Да ми кажевте пред два дена дека денес ќе имам медал, ќе бев воодушевена. Ова е награда за целата напорна и осамена работа оваа сезона – рече Литл, која, исто така, освои бронза на Светското првенство во Будимпешта, пред две години.

ИЗДВОЕНИ