Милорад Додик, на кого Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска (РС), денес изјави дека нема да дозволи заканите со затвор да го принудат да ја напушти функцијата, пренесува „Бета“.
Тој напиша на социјалната мрежа X дека српскиот народ е охрабрен од враќањето на политиката на здрав разум и мировните иницијативи предводени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Наведувајќи дека „никој не ја разбира нашата тешка ситуација подобро од претседателот Трамп“, Додик ја цитираше изјавата на американскиот претседател: „Кога радикалната левица не може да победи на демократски избори, таа го злоупотребува судството и ги испраќа неистомислениците во затвор. Ова е нивната стандардна тактика низ целиот свет“.
„Претседателот Трамп победи – и јас ќе победам. Нема да дозволам заканите со затвор да ме заплашат и да ја напуштам функцијата“, изјави Додик во објава на англиски јазик.
Потоа тој цитираше изјава на потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, дадена во, како што рече, Германија на (високиот претставник во БиХ Кристијан) Шмит, дека „кога ќе видите дека европските судови поништуваат избори, а високите функционери се закануваат дека ќе поништуваат и други, мора да се запрашаме дали навистина почитуваме доволно високи стандарди“.
„Не сме сами во борбата против диктатори како Шмит. Нема да се колебам. Остануваме непоколебливи, заедно со нашите пријатели ширум светот кои се борат за демократија“, нагласи Додик.
Според него, сè што се случува денес е последица на санкциите што ги воведоа против РС поранешните претседатели на САД Барак Обама и Џозеф Бајден, како и Шмит, бидејќи, истакна тој, „ние стоиме со претседателот Трамп – против масовната миграција, против врските меѓу иранскиот режим и Сараево и се залагаме за слободно и гордо изразување на нашиот национален идентитет загарантиран со Дејтонскиот договор“.
„Тие не нè скршија со санкции, ниту ќе нè скршат со злоупотреба на правдата“, заклучи Додик.