Грчкиот кошаркарски клуб ПАОК би можел да биде новиот предизвик за легендарниот Жељко Обрадовиќ. Богатата понуда од амбициозниот тим од Солун е веќе на маса и сè е во рацете на 65-годишниот тренер, кој треба да одлучи во наредните денови.
Тимот на ПАОК има огромни планови за во иднина. Се најавуваат големи инвестиции во тимот, а сопственикот, Аристотелис Мистакидис, сака со Обрадовиќ да го врати трофејот од грчкото првенство во витрините, по пауза од 34 години.
- ПАОК не сака само да биде конкурентен – сака да биде главен играч. Инвестицијата во клубот има темели за долгорочен план и за стабилност, што недостигаше во последните години. Сето ова им дава надеж на навивачите дека клубот влегува во фаза на преродба, со големи амбиции и со јасни цели – објавуваат грчките медиуми.
Мистакидис прави сè за да го убеди Обрадовиќ да дојде. Понудата сигурно нема да биде мала и сè зависи од легендарниот тренер.
Инаку, Жељко Обрадовиќ го водеше белградски Партизан во последните четири и пол години. Тој си замина по конфликтот со раководството на клубот и откако одредени играчи му забија нож во грб.
Покрај ПАОК, за Србинот се заинтересирани уште неколку евролигашки екипи, како и тимот на Арис. И овој клуб, исто така, најавува огромни инвестиции, но тимот од Солун го направи првиот конкретен чекор.
Во својата речиси 100-годишна историја, ПАОК двапати беше шампион на Грција. Последната титула ја освои во 1992 година. Овој тим има и три грчки купа (последниот во 1999 година), а ги освои и ФИБА Спорт и Кораќ купот. Моментално, Словенецот Јуре Здовц, уште една југословенска легенда, го тренира тимот.
Жељко Обрадовиќ е вистинска легенда на Панатинаикос во Грција. Тој ги водеше „зелените“ 13 години, од 1999 до 2012 година, 11 пати беше шампион на таа земја, петпати ја освои Евролигата и седумпати Купот.
Во својата одлична кариера, еден од најголемите тренери на сите времиња ги предводеше Ховентут, Реал Мадрид, Бенетон и Фенербахче, а беше и селектор на Југославија, Србија и на Црна Гора.











