Милиони Американци стравуваат дека „големиот прекрасен закон“ на Трамп ќе ги остави без здравствена и социјална заштита

34

Со гласот на потпретседателот Џеј Ди Венс, американскиот Сенат го усвои „големиот прекрасен закон“ за даноци и трошоци на американскиот претседател, Доналд Трамп. Демократите беа против, а ситуацијата 50:50 на маратонската седница се смени кога Венс го стисна копчето.

Сега се чека согласност од Претставничкиот дом, но неговата одлука е неизвесна. Закажана е повторна расправа, но не и датум за гласање. Ако најскапиот закон во историјата на САД ја добие и таа виза, Трамп ќе има на располагање доволно пари за да ги реализира сите свои предизборни ветувања.

– Задоволен сум од резултатот – изјави кратко тој во својот претседателски авион.

Законот напишан на 950 страници предвидува дополнителни милијарди долари за спроведување масовни депортации и за трајно вградување на  даночните олеснувања од првиот мандат на Трамп.  Планирано е намалување на социјалните програми, како што е програмата за здравствена заштита за старите лица и за лицата со ниски приходи. Непартиските експерти за буџетот на Конгресот проценуваат дека речиси 12 милиони луѓе би можеле да ја зазгубат оваа поддршка до 2034 година. Исто така, со амандманите што ги усвои Сенатот, поради што Претставничкиот дом повторно ќе мора да гласа за законот, сега се очекува националниот долг да биде за 3,3 милијарди долари поголем од првично планираниот за наредните 10 години, како што проценуваат непартиските конгресни експерти за буџетот.

„Дојче веле“ ја пренесува изјавата на лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Џон Тун, кој изјави по гласањето: „Со овој закон, ние осигуруваме нашата земја и американскиот народ да бидат побезбедни, посилни и попросперитетни“.

Демократите едногласно се спротивставија на овој буџет што го скрои Трамп. Најмногу го критикуваа тоа што, според нивна оцена, намалувањето на даноците ќе им користи на богатите Американци на сметка на посиромашните.

– Републиканските сенатори го предадоа американскиот народ и му донесоа срам на Сенатот – рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.

Демократската претставничка Мери Геј Сканлон го нарече законот монструозност, ниту морално ниту економски оправдан.

Јасно е негодувањето на демократите, но законот доби гласови „против“ и од тројца републиканци во Сенатот.

Како и во Сенатот, републиканците имаат мнозинство и во Претставничкиот дом, но може да си дозволат само тројца неистомисленици, анализира ДВ. Републиканскиот претставник Енди Бигс изјави за радиостаницата КТАР во Аризона: „Не можам да замислам дека ќе помине вака. Во него се содржани некои неверојатно лоши работи“. Републиканскиот претставник Ралф Норман го нарече законот – неуспех. Дури и републиканскиот сенатор Линдзи Греам не е сигурен што ќе направат неговите републикански колеги во Претставничкиот дом. Тој изјави дека не знае дали имаат доволно гласови за да го усвојат она што Сенатот штотуку го усвои. И затоа лидерот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом, Стив Скализ, на „Фокс њус“ апелираше до пратениците: „Ајде да го усвоиме!“, пишува „Дојче веле“.

– Сепак, она што е јасно е дека републиканските претставници се под притисок. Дури и ако веруваат дека е погрешен законот, тие ќе размислат внимателно дали сакаат да ризикуваат да го налутат Доналд Трамп – анализира медиумот.

Претседателот, пак, сака законот да биде на неговата маса за потпис до 4 јули, Денот на американската независност. Различни анкети покажуваат дека бројот на Американци што се против законот е поголем отколку на оние што го поддржуваат.

ИЗДВОЕНИ