Американскиот милијардер Роналд Лаудер започна серија инвестиции во Гренланд, објави данскиот дневен весник „Политикен“. Осумдесет и едногодишниот наследник на козметичка империја е близок соработник на Доналд Трамп и негов колега од студиите на бизнис школата „Вортон“.
Истрагата на данскиот весник укажува на шема на активности на Белата куќа во која геополитичките потези, како оние во Венецуела или Гренланд, се совпаѓаат со приватните инвестиции на пријателите и донаторите на Трамп. Покрај дипломатските тензии и финансиските интереси, постојат и сомневања дека Кремљ се обидува да влијае врз одлуките на американскиот претседател.
Лаудер има долга историја на донации на конзервативни кандидати, а во последниве години издвоил најмалку 1 милион долари за поддршка на Трамп. Според Џон Болтон, советник за национална безбедност во првиот мандат на Трамп, токму Лаудер му ја предложил идејата за „купување на Гренланд“ на претседателот.
Болтон, кој оттогаш ја завршил својата врска со Трамп, потврди за медиумската куќа „Фри Прес“ дека Лаудер прв ја споменал идејата.
„Го слушнав тоа од него, а подоцна дознав дека предлогот дошол од Лаудер. Трамп првпат ми кажа за тоа во 2019 година“, рече Болтон.
Овие тврдења се поткрепени и со наводи од новинарите Питер Бејкер (The New York Times) и Сузан Глејзер (The New Yorker) од нивната книга „The Divider“, објавена во 2021 година. Авторите наведуваат дека Трамп бил запознаен со идејата за преземање на островот од „многу богат пријател“, кој бил идентификуван како Лаудер.
Сепак, останува нејасно под чие влијание Лаудер ја развил идејата. Фактот дека Лаудер, како претседател на Светскиот еврејски конгрес, се сретнал двапати со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ – во 2016 година и во март 2019 година – ги поттикна сомнежите дека Путин се обидел да го искористи за да го насочи вниманието на Трамп кон Гренланд. Во исто време, претставникот на Путин, Кирил Дмитриев, често на социјалните мрежи го истакнуваше притисокот од Белата куќа во врска со преземањето на островот, наведува италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Според аналитичарите, интересот на Русија во овој случај произлегува од фактот дека американската територијална експанзија на Арктикот би можела да го одвлече вниманието на администрацијата на Трамп од Украина и индиректно да ја легитимира руската агресија против Киев. Сепак, нема директни докази дека Кремљ конкретно интервенирал за да го натера Трамп да преземе мерки против Данска.
Сомневањата беа дополнително засилени со лажно писмо што го доби републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас во октомври 2019 година. Писмото, кое го носеше меморандумот на владата на Гренланд и потписот на наводниот министер, најавуваше „референдум за независност од Данска“. Подоцна се покажа дека писмото е фалсификат од непознати автори.
Во исто време, беше потврдено постоењето на инвестициската компанија „Гренланд девелопмент партнерс“, регистрирана во државата Делавер, која, заедно со капиталот на Лаудер, покажува интерес за секторите за водоснабдување и енергетика. Сличен модел, според италијанските медиуми, е забележан и во случајот со Венецуела, но со појасно изразени руски интереси.
Поранешната функционерка на Советот за национална безбедност на САД, Фиона Хил, изјави пред Конгресот дека Русија во 2019 година ѝ предложила на Белата куќа размена на сфери на влијание. Според неа, Москва им понудила на САД „слободни раце“ во Венецуела во замена за ист статус на Русија во Украина. Иако Џон Болтон и Хил ја отфрлиле таквата понуда во тоа време, деловните интереси на соработниците на Трамп останале присутни.
Во тој контекст, се споменува и инвеститорот Пол Сингер, кој донираше пет милиони долари за последната претседателска кампања, а кој во последните месеци купи три американски рафинерии во Мексиканскиот Залив. Овие објекти се дизајнирани за преработка на тешка нафта како онаа што се произведува во Венецуела. Американската администрација потврди оваа недела дека ќе дозволи увоз на сурова нафта од Каракас во Соединетите Американски Држави, објави „Кориере дела Сера“.












