Милена Величковиќ: Мирот и спокојот што го даваат овците и селото не може да се замени со градскиот хаос

Милена Величковиќ, најмладата сточарка во државата, која 15 години чува овци и живее во село, вели дека не би се вратила повторно да живее во градската гужва, загадениот воздух и во секојдневие со постојано трчање и брзање. Вели дека мирот и спокојот што ги даваат овците и природата, не можат да се заменат со ништо. Ги охрабрува младите да се вратат во селата и да започнат свој бизнис, зашто, како што вели, денес државата многу помага. Во таа насока е и иницијативата за носење закон преку кој на младите брачни парови што ќе се вратат да живеат и да работат во село државата им дава 100 илјади евра. Со овие пари младите ќе можат и да купат куќа, и да купат овци и да направат штала. Од друга страна, денес овчарството е многу поедноставно, овците можеш да ги храниш на лента со хранилки, да ги молзиш во молзилишта...

1255

Љубовта кон животните и кон природата ја вратиле Милена Величковиќ назад во селото. Вели дека мирот и спокојот што ѝ ги дава планината и селото не може да ги најде во урбаниот хаос. И покрај тоа што чувањето овци во нејзината фамилија не било традиција, сепак, таа одлучува да им се врати на корените. Така започнува приказната за нејзиното стадо кое брои 300 овци и кое го чува во селото Четирце, Кумановско, на 600 метри надморска височина. Величковиќ вели дека и покрај тоа што многу млада почнала да се занимава со чување овци, не зажалила бидејќи вложеното време и труд ѝ се исплателе.

– Кога бев мала, во секое село и во секоја куќа се чуваа овци. Јас секој викенд заедно со моите родители одев кај баба ми и дедо ми во село и уживав во времето поминато со овците. Оттаму произлезе и мојата љубов кон селото и кон животните, која остана и до ден-денес. Потоа дедо ми и баба ми остареа и ги продадоа овците, а татко ми се повреди и остана инвалид. Јас учев во средно училиште и покрај тоа што бев многу млада, морав сè да преземам во мои раце, бидејќи татко ми веќе не можеше да ги извршува работите што ги правеше претходно, вели Величковиќ.

Таа вели дека идејата да се вратат и да живеат во село и да чуваат овци била заедничка на цело семејство. Истата ја реализирале во 2010 година, кога се вратиле во селото и почнале да чуваат овци, поради што Милена била многу среќна.

– Овците ги чуваме 15 години и секој ден сме во селото. Јас и брат ми сме задолжени за овците, а мајка ми и татко ми живеат во посебна куќа, но многу ни помагаат и околу овците и околу помошта што ни е потребна за обработка на земјата. Кога ги купивме јагнињата, цените беа многу пониски, така едно јагне чинеше околу 4 – 5 илјади денари, вели нашата соговорничка.

Таа додава дека денес е многу лесно за младите што сакаат да започнат ваков бизнис, бидејќи државата многу помага. Во таа насока е и иницијативата за носење закон преку кој на младите брачни парови што ќе се вратат да живеат и да работат во село државата им дава 100 илјади евра. Овие пари треба да им помогнат да инвестираат во изградба или реконструкција на објекти, да купат земјоделска механизација, земјоделско земјиште или добиток. Целта на оваа помош е заживување на руралните средини и стимулирање на земјоделците да се здружуваат за да станат поконкурентни.

– Со овие пари младите ќе можат и да купат куќа, и да купат овци и да направат штала. Од друга страна, денес овчарството е многу поедноставно, овците можеш да ги храниш на лента со хранилки, да ги молзиш во молзилишта… Денес е полесно и поедноставно да се започне ваков бизнис и поради финансиската помош која се дава за одржување на сточарството, додава Величковиќ.

Милена овците ги пасе на планинските пасишта на надморска височина од 600 метри и вели дека пасењето овци не е едноставна работа. Мора постојано да се трча по овците, за да не се случи да залутаат и да ги снема или да не отидат во нечиј имот, лозје, овоштарник. Пасењето овци не е едноставна работа и не може секој да оди долго со километри, под секакви временски услови.

– Сега имам 300 овци и ги пасам надвор на пасишта. И покрај тоа што селото е планинско и има огромни пасишта, единствени овци се моите. Љубовта кон овците може да ја разберат ловџиите и рибарите и оние што чуваат домашни миленичиња, односно кои постојано се со животни. Освен овците, јас чувам и неколку кучиња и мачиња. Кога еднаш ќе се роди љубовта кон животните, таа останува за цел живот, додава нашата соговорничка.

Инаку, таа сама ги молзе овците, а од млекото прави сирење и други млечни производи кои ги користи за домашна употреба и не ги продава.

– Освен млеко и млечни производи, ние произведуваме и секаков вид органски зеленчук за наши потреби. Можам да кажам дека со овој бизнис се заработува за еден нормален живот. Нашето семејство живее од овој бизнис, но во него имаме вложено огромен капитал. Имаме силоси, четири трактори, два комбајни и секаков вид приклучна земјоделска механизација. Обработуваме околу 60 хектари земјоделско земјиште, додава Величковиќ.

На крајот, таа заклучува дека мирот и спокојот што ги дава селото и природата не можат да се заменат со ништо. Таа сега не може да замисли да се врати назад во градската гужва, во загадениот воздух и во секојдневието со постојано брзање и трчање.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ