Милановиќ ѝ забрани на хрватската армија да соработува со Израел

486

Претседателот на Републиката и Врховен командант на вооружените сили, Зоран Милановиќ, им нареди на вооружените сили да ги прекинат сите форми на воена соработка со израелската армија во мај оваа година, потврди портпаролот на кабинетот на претседателот, Никола Јелиќ, за 24сата.хр.

– Членовите на Советот за одбрана беа информирани за оваа одлука на седницата одржана на 23 мај. Бидејќи купувањето и продажбата на оружје и воена опрема е во надлежност на Владата на Република Хрватска, претседателот на Републиката ја повикува Владата на Република Хрватска да го стори истото и да ја запре трговијата со оружје и воена опрема со сегашната влада на Државата Израел – изјави Јелиќ за 24сата.хр.

Како што дознава 24сата.хр, еден од сегментите што, меѓу другото, ги забрани Милановиќ беа заедничките вежби меѓу двете армии. За потсетување, вчера беше објавена информација дека Словенија забрани увоз, извоз и транспорт на оружје и воена опрема наменета за Израел преку нејзина територија.

Премиерот Роберт Голоб го повлече овој потег, предупредувајќи дека нема да чека реакција на Европската Унија за жртвите во Појасот Газа.

– Со оглед на вооружените конфликти и сериозните и очигледни кршења на меѓународното право, хуманитарното право и човековите права од страна на Израел на Западниот Брег и Газа, Владата на Република Словенија, врз основа на член 5 од Законот за Владата на Република Словенија, му наложува на Министерството за одбрана строго да го спроведува член 77 од Законот за одбрана и Уредбата за одобренија за производство и трговија со воено оружје и опрема, како и претходните дозволи за увоз, извоз, транзит и пренос на одбранбени производи – објави Владата на Словенија на својата веб-страница.

Тие додадоа дека оваа одлука значи забрана за извоз и транзит на воено оружје и опрема од или преку Република Словенија во Израел, како и увоз од Израел во Словенија, освен за опрема што е неопходна за безбедноста и отпорноста на територијата на Република Словенија.

ИЗДВОЕНИ