Фото: РК Вардар

Аргентинскиот ракометен стручњак Гиљермо Милано и следната сезона ќе седи на клупата на најтрофејниот македонски клуб Вардар. Клубот и Аргентинецот се договорија на нова соработка која треба да донесе и нови радости за најтројениот македонски клуб.

Милано дојде во Вардар во ноември 2024 година и оттогаш има биланс од 18 победи, два натпревари завршија нерешено на гостински терен и само еден пораз, и тоа во 2024 година. Меѓу другото го победи Мелсунген во Скопје во Лига Европа, и триумфираше во Битола кај Еурофарм Пелистер.

Клубот има шанси да ја освои двојната круна во Македонија. Викендов игра во полуфиналето на Ф4 турнирот во Охрид, а во првенството е на чекор до враќање на титулата. Треба да игра натпревар со Тиквеш во гости, а потоа во последното коло од плејофот пред домашна публика со бранителот на титулата Еурофарм Пелистер ќе решава за шампионската титула.

Милано е професионалец со над 20 години искуство како тренер во клубови и во машката репрезентација на Аргентина. Има учествувано на над 50 меѓународни турнири, вклучувајќи четири Олимписки игри, 19 Светски првенства, четири Панамерикански игри, четири Јужноамерикански игри, 16 Панамерикански првенства и 20 меѓународни турнеи.

Во своето тренерско образование има учено и бил на обуки на многу познати тренери како Талант Дујшебаев, Мануел Каденас, Мануел Лагуна, Дидие Динар, Хавиер Пасквал и Тони Жерона.

ИЗДВОЕНИ