Kако во светот, така и во Македонија, секој голем европски клуб има сериозна група навивачи кои редовно ги следат нивните натпревари и навремено се информирани за сè што се случува, како во соблекувалната, така и во свечената ложа.
Една од поголемите групи, ако не и најголема, е таа на седумкратниот европски клупски шампион Милан. Во нашата земја, таа е позната како „Милан фанс Македонија“, а годинава слави и еден голем јубилеј, десет години постоење.
Таквиот јубилеј заслужува посебно внимание и затоа дневниот весник ВЕЧЕР направи ексклузивно интервју со коосновачот и, во моментов, претседател на „Милан фанс Македонија“, Даниел Петрушевски, кој ни откри какви се активностите околу роденденот, дали најверните навивачи ја преболија изминатата сезона и какви се очекувањата кога е во прашање новата, која стартува денеска.
„Милан фанс Македонија“ годинава слави 10 години постоење. Како се дојде до една таква идеја да се создаде во Македонија фан-клуб со навивачи на Милан?
– Па знаете како, пред 20-ина години, социјалните мрежи не беа на ова ниво како денес, па поголемиот дел од дискусијата се водеше по форуми и блог-платформи. Блогирањето, како главен начин на онлајн комуникација во тој период, развиваше култура на дискутирање, споделување информации од заеднички интерес и градеше поврзаност помеѓу десетте пасионирани „росонери“ на блогот. Милан фанс МКД, како што беше именуван блогот, создаде и цврсти пријателства и другарување надвор од виртуелниот простор. Баш од тие пријателства тргна и идејата за посериозно водење на клубот, па по регистрирањето на клубот како Здружение на граѓани, започнаа и долгите разговори и планирања околу официјализацијата на фан-клубот под капата на Италијанската асоцијација на клубови од Милано (Associazione Italiana Milan Clubs – A.I.M.C.), која се реализираше летото 2016 година, по што станавме првиот официјален фан-клуб на Милан во Македонија. За оние што не знаат, A.I.M.C. претставува организација одговорна за координација на сите официјални фан-клубови на Милан во светот. Со тоа, македонските „росонери“ првпат добија можност да членуваат во официјален македонски фан-клуб, кој е мост меѓу сите вистински „росонери“ и клубот од Милано.

На колку натпревари сте присуствувале организирано и кој натпревар вечно ќе го паметите?
– Тешко е да се даде точна бројка – а да бидеме искрени, никогаш не сме се фокусирале на нивно броење. За нас, патувањата никогаш не биле статистика, туку моменти, и токму затоа, секое од нив си остава сопствен белег. Ако треба да издвоиме едно, изборот е многу лесен – гостувањето во Удине против Удинезе. За овие моменти би можел да говорам многу долго, но ќе се обидам да го сумирам во кратки црти: јануари 2024, речиси 24 часа пат со комбе до Удине и пресврт со гол на Ноа Окафор во 93. минута за победа на Милан со резултат 2-3, па потоа луди 24 часа назад кон Скопје, каде што комбето ечеше со песна до раните утрински часови. Тој натпревар ни покажа дека не постои цена што може да го замени чувството да го гледаш Милан во живо.
Какви се очекувањата кога е во прашање новата сезона и дали веќе бледнее разочарувањето од изминатата сезона?
– Знаете како викаат – формата е привремена, но класата е вечна. Така и ние со нашиот Милан, губел или победувал, ние сме секогаш тука за него. Разочарувањето од минатата сезона беше големо, пропуштениот пласман во Лигата на Шампионите беше сериозен удар за клубот, но промените ова лето, новиот тренер и новата фудбалска насока и филозофија со Рубен Аморим, пополека го трансформираат разочарувањето во претпазливо очекување. Реалноста е дека секоја промена, секој обид за изградба на нов систем си бара време, па така очекувањата оваа сезона е да се вратиме назад во Лигата на Шампионите и полека да го приспособуваме тимот на новата филозофија на Рубен Аморим.

Дали е планирано нешто специјално кога е во прашање јубилејот и што може да се очекува во блиска иднина од „Милан фанс Македонија“?
– Оваа година, јубилејот го одбележуваме со навистина атрактивен пакет, кој покрај членската картичка, нуди и премиум поло-маичка со нашето јубилејно лого и уникатен двостран навивачки шал. Кога сме кај членската картичка, вреди да се спомне дека сите членови на нашиот фан-клуб имаат голема бенефиција при купување билети за натпреварите на Милан – можност за купување билети во рана фаза (заедно со оние што имаат сезонски билети) и попуст на цената на билетите, нешто што е навистина важно за секој што сака да го гледа Милан во живо. Она на што сме особено горди е тоа што, зад сцената, постојано работиме да го подобриме искуството на нашите членови – подобрување на процесот за пријавување на членство, унапредување на нашата веб-страница и олеснување на пристапот до билети за нашите членови. Тоа не се работи што веднаш се гледаат однадвор, но токму тие детали ја прават разликата. Нашата цел никогаш не беше да профитираме од сето ова, ниту да бидеме некаква туристичка агенција, како што тоа го прават другите, туку да бидеме вистински, посветен клуб со што би ги обединиле сите навивачи на Милан во Македонија и би продолжиле со креирање на нови заеднички моменти и нови пријателства!
Сигурно, најверните фанови на Милан во Македонија имаат мислење за актуелната управа на седумкратниот европски клупски шампион и што мислат, дали треба да се продаде Рафа Леао?
– Управата направи храбар потег со длабокиот рез по минатата разочарувачка сезона и за тоа заслужува почит, но исклучително важно е тоа да биде оправдано со резултатите и со настапот на теренот. Што се однесува до Леао, неговиот талент никогаш не бил доведен во прашање, но неговата конзистентност, заедно со неколкуте, помалку невкусни и лошо темпирани, интервјуа што ги даде ова лето, креираат мала резервираност кај навивачите на Милан. Во изминативе денови, доаѓаат сигнали дека можеби и самиот Леао почнува да го менува мислењето, па останува да видиме, доколку остане во клубот, како и каде Аморим ќе успее да го вклопи Леао во тимот.
Кога е во прашање Лига на Европа, дали Милан има квалитет за да го освои трофејот?
– Апсолутно, како и за сите натпреварувања, така и за ова, клуб од рангот на Милан не смее да размислува за ништо друго освен за освојување трофеи. Летниот преоден рок сè уште не е завршен, но и постојниот ростер, Рубен Аморим, има доволен квалитет за да атакува на трофејот во Лигата на Европа.

За крај, што му е потребно на Милан, според вас, за да доминира повторно, како во Италија, така и во Лигата на шампиони?
– Тешко и длабоко прашање, кое сигурно не може да се одговори со неколку реченици. Како кај Милан, така и во репрезентацијата на Италија, потребни се коренити промени, почнувајќи од младинските селекции, па сè до пристапот и до филозофијата на игра на првиот тим, потребно е да се вратиме на оној препознатлив напаѓачки фудбал што го негуваше Милан кон крајот на 80-тите, бидејќи тоа е единствениот рецепт за успех и за повторна доминација во италијанскиот и светски фудбал.












