Во фамилијата гибони, во Зоолошката градина, мајката го отфрлила своето бебе, кое при тоа се здобило со потрес на мозокот и со епилептични напади.
Од скопската Зоолошка градина информираа дека благодарение на младиот тим ветеринари од Клиниката на Факултетот за ветерина медицина, со редовна терапија и со посветеност на неговото лекување, бебето е во фаза на закрепнување.
– Нашите колешки од првиот ден храбро му се посветија на предизвикот гибончето 24/7 да добива грижа и љубов, иако беше во критична состојба. Во првите денови, епилептичните напади се случуваа еден по друг, но во нивни раце, успеа да закрепне, нападите целосно се намалија. Беше исклучително тажно, но и сериозно да се гледа како се соочува толку мало бебе со ваква состојба – соопштија од Зоолошката.
Малото гибонче го добило името Мики по еден од ветеринарите што први му дале помош.
– Сега останува долг процес на целодневна грижа, 24/7 во наредните месеци. Гибоните спаѓаат во групата човеколики мајмуни, заедно со човекот, шимпанзата, горилите и орангутаните. Нивните движење и сила се преку нивните раце, па токму затоа и е поголем предизвикот да се биде сурогат/негувател на вакво мајмунче, што подразбира и многу непроспиени ноќи, менување пелени на секој час и хранење со бебешка формула на секои два часа. Мики постојано бара да се држи за оној што го чува, како што го правеше тоа мајката, затоа што тоа му создава сигурност – велат од скопската Зоолошка градина.