Синот на легендарниот Ф1 возач Михаел Шумахер, Мик, две сезони се натпреваруваше во WEC шампионатот со тимот Алпин, а воедно се тестираше во Индикар и отворено призна дека би сакал таму да се натпреварува, делумно поради зборовите на неговиот татко.
Германскиот возач го заврши својот прв тест во оваа серија во понеделникот со тимот на Рахал Летерман Ланиган Рејсинг. Тестот се одржа на патеката Индијанаполис Мотор Спидвеј. Шумахер со тоа доби можност повторно да искуси тркање со едноседи, за првпат откако ја напушти Формула 1.
- Беше одлично да се запознаам со автомобилот и тимот. Мислам дека успеавме да ги поминеме сите планирани задачи и тест точки. Многу сме задоволни од времињата на кругови, иако тоа не беше главната цел, сè помина многу добро, истакна Мик.
Младиот Шумахер го загуби своето место во Формула 1 во 2022 година, откако Хас го отпушти на крајот од сезоната. Оттогаш, тој се трка во Светското првенство во издржливост (WEC) за Алпин, но немал никаков контакт со едноседи. Сега, по тестирањето во САД, станува сè појасно дека му недостига тој тип на трки.
- Она што ме привлекува е тоа што Индикар е во суштина едносед, или нешто многу слично на тоа. Ми се допаѓа кога тркалата се отворени. Мислам дека татко ми секогаш велеше: „Шумахерите обично се побрзи кога можат да ги видат своите тркала“. Ми се допаѓа таа негова реплика. Има нешто посебно во тој тип на трки, порача младиот Шумахер
Мик, исто така, откри дека е привлечен од темпото и бројот на трки во овој шампионат.
- Исто така, ми е привлечно што има 17 трки годишно, додаде тој.
Кога станува збор за неговите планови за иднината, Шумахер нагласи дека сè уште не донел конечна одлука.
- Што се однесува до 2026 година, сè е отворено. Опциите се тука и има неколку можности. Индикар е еден од нив, па затоа само сакав да го почувствувам, за да можам да одлучам што навистина сакам. Имам неколку опции, што е одлично. Сега од мене зависи да одлучам во која насока сакам да одам и дали ова е нешто што сакам да го правам долгорочно, заврши Германецот.
Неговиот тест во Соединетите Американски Држави предизвика голем интерес, бидејќи преселбата во Индикар би го означила враќањето на семејното име на Шумахер во светот на трките со отворени тркала. Токму онака како што би сакал неговиот татко Михаел Шумахер.