За 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 6 до 13 јуни, во Прилеп, се селектирани девет претстави во официјалната и пет во независната програма. Од одгледаните претстави се наметна впечатокот дека доминираат претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција, стои во експликацијата на Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот

Девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, што ќе се одржи од 6 до 13 јуним под мотото „Смеј се и осмели се“. Актерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски, пак, ќе ја добијат наградата за животно дело.

-За ова издание, од одгледаните претстави (и во институционалните театри и од независната продукција) се воспостави или се наметна впечатокот дека доминираа претстави во кои може да се препознаат ставот на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција. На репертоарите во македонските театри повторно може да се забележи разногласие во однос на изборот и стилот на театарската продукција, стои во експликацијата на Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот, која деновиве ја објави програмата за претстојното 59. издание.
Како што посочува во експликацијата, за пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори, со што конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма.

-Со овој избор на претстави и имајќи ја предвид тековната ситуација со театарските сцени во Прилеп, а во контекст на мојата четиригодишна програма „Враќање дома“, се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар. Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани – се додава во експликацијата.

Инаку, претстави во официјалната селекција се: „12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, (МНТ); „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, (Драмски театар);
„Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, (Албански театар); „Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, (Турски театар); „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, (Битолски театар); „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, (Прилепски театар); „Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, (Велешки театар); „Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, (Народен театар – Штип) и „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, (Театар Комедија).
Претстави од независната продукција, пак, се: „Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, („Театар за сите“); „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, („Штрих“); „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, („ОХО продукција“); „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, („Оска“) и „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, („Хибрид“).
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународното жири: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.

Инаку, по иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски, Собранието на фестивалот донело одлука наградата за музика да ја именува според музичарот, којшто го изгуби животот во пожарот во Кочани. Стевановски беше актуелен директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

На прашањето каде ќе се реализира програмата на фестивалот, со оглед на тоа дека театарот и Центарот за култура во Прилеп моментов не работат, Стојаноска истакна дека се следи ситуацијата, и дека најавено е до 6 јуни Центарот за култура да биде опремен за да може да се реализира програмата на фестивалот, а секако дека ќе се освојуваат и алтернативни простори.

-Сакам да ја известам целата театарска јавност да има разбирање, годинава фестивалот ќе биде од помал формат, а во наредната година јубилејна ќе имаме пораскошен формат. Годинава театрите понудија помалку претстави од лани. Дел од нив работат на репертоарна политика, дел не, а дел и воопшто не работат. Го поздравувам моментот и за поставување на македонски драми. Ние ќе ја имаме програмата „Драмолетање“, во која за време на фестивалот ќе имаме работилници во два дена – истакна Стојаноска.

На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Годинава, наместо платформата „Автор во фокус“ ставен е фокус на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски- Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
-Создадовме „Музеј во движење” или „Прилеп во фокус“, поточно ќе го презентираме придонесот и влијанието на тројца (и не само на тие тројца) мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Изложбата ќе ја поставиме кај пријателите на фестивалот и ќе се потсетиме на огромното влијание што тие го имаат направено и обележано Прилеп низ сите овие театарски години. Сакаме ова да биде дел од постојаната активност на фестивалот, која ќе се случува во текот на целата година. Во контекст на нашето мото „Смеј се и осмели се”, овие тројца театарски уметници од Прилеп и се/нѐ смееја и се/нѐ осмелија да создаваме уште подобар театар – завршува Стојаноска.

ИЗДВОЕНИ