Речиси никој не ја знае вистинската здравствена состојба на легендарниот Михаел Шумахер, но сега еден негов потег се смета за позитивен знак, откри еден француски новинар. Сепак, легендата на Формула 1 сè уште не може да зборува и нема јавни знаци дека може да оди. Шумахер (56) доживеа сериозна несреќа на скијање во 2013 година, во текот на семеен одмор во Мерибел, Франција, и оттогаш не е виден во јавноста.

Информациите за здравјето на седумкратниот светски шампион се непознати, но новинарот на „Л’Екип“, Стефан Л’Ермит, се обиде да даде увид во неговиот живот.

  • Не би рекол дека е добро, но, можеби, е малку подобро, бидејќи во основа не знаеме ништо – изјави тој за РТЛ.

Причината за оптимизам е фактот што Михаел Шумахер потпиша кацига претходно оваа година. Тоа е бела кацига со дезен „Ројал Стјуарт тартан“, слична на онаа што ја носеше Џеки Стјуарт во својата кариера, а Шумахер ја потпиша со иницијалите M. Ш. со помош на својата сопруга, Корина.

  • Единствените вистински вести доаѓаат од неговото семејство. Тоа е секогаш многу важно, бидејќи вестите што доаѓаат од неговото семејство се точни. Вестите што доаѓаат однадвор, веројатно, не значат многу. Оваа година тој потпиша кацига. Беше за добротворен настан. Дали неговата сопруга го држеше за рака? Не знаеме со сигурност, но ова е првпат да имаме позитивен знак, речиси знак на живот. Но, факт е дека сè уште не сме го виделе како оди и, очигледно, сè уште не може да зборува. Значи, сè уште се справуваме со некој што дише, што, можеби, има некоја мала интеракција со своето семејство, но не можеме со сигурност да кажеме дека е добро – додаде Л’Ермит.

Светот на Формула 1 беше во шок на крајот од 2013 година, кога доживеа Шумахер речиси фатална несреќа. Тој ја удри главата во карпа, при пад. Иако неговата кацига апсорбираше голем дел од ударот, нејзината надворешна обвивка пукна, предизвикувајќи тешка трауматска повреда на мозокот. По несреќата, тој беше ставен во индуцирана кома и беше подложен на две операции на мозокот. Дури во јуни 2014 година неговата состојба беше доволно стабилна за да биде префрлен на понатамошна рехабилитација.

Тој е еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1, освојувајќи седум светски титули (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004).

ИЗДВОЕНИ