За здравствената состојба на легендарниот Михаел Шумахер ништо не се знае, бидејќи неговото семејство на чело со сопругата Корина реши, од таа кобна 2013 година, да не споделува ништо со јавноста.

Понекогаш слушаме детали за неговата состојба од неколку блиски пријатели што можат да го посетат во кое било време, но и тие не откриваат речиси ништо.

Михаел Шумахер доживеа ужасна несреќа на скијање во 2013 година, кога падна од скии на Француските Алпи. Седумкратниот шампион во Ф1 е далеку од јавноста оттогаш, а познатиот спортски новинар, Роже Беноа, даде интервју за швајцарскиот „Блик“ во кое зборуваше за него.

  • Постои само еден одговор на прашањето, а тоа е она што го кажа неговиот син Мик во едно од своите ретки интервјуа во 2022 година. „Би дал сè за да разговарам со татко ми“. Оваа реченица кажува сè за тоа како бил неговиот татко во последните 3.500 дена. Тоа е безнадежен случај – рече Беноа.

Семејството Шумахер, предводено од сопругата на Михаел, Корина, се потруди да ги задржи информациите за Шумахер подалеку од јавноста, па затоа се знае многу малку, освен дека е жив. Еден од ретките што проговори за ова прашање е Флавио Бријаторе, кој освои титули со него.

  • Ако ги затворам очите, го гледам како победува и се смее. Подобро би го паметел така отколку прикован за кревет. Корина и јас многу разговараме – рече тој.

Сопругата на Бријаторе, пак, додаде: „Михаел не зборува, тој комуницира со очите. Само тројца луѓе можат да го посетат и знам кои се“.

Поранешниот шеф на ФИА и на Ферари, Жан Тод, исто така, доби дозвола да го посети Шумахер и е единствениот што го гледа редовно, одвоено од неговото семејство.

  • Ја почитуваме приватноста на Корина и на децата, иако знаеме дека оваа несреќа има свои последици. Секој што ви кажува дека знае нешто, знајте дека не знае ништо – изјави своевремено Тод.

 

ИЗДВОЕНИ