Повторното активирање на нафтоводот Солун –Скопје и изградбата на гасниот интерконектор ја зацврстува енергетската соработка меѓу Македонија и Грција. Премиерот Киријакос Мицотакис би можел да го посети Скопје до крајот на месецот, а посетата би била повод за официјална проверка и промоција на овие инфраструктурни проекти. Со модернизирана инфраструктура за транспорт на нафтени деривати и природен гас, земјата обезбедува стабилност и долгорочна енергетска сигурност, како за домашниот пазар, така и за поширокиот регион

Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, би можел да го посети Скопје до крајот на овој месец, а повод за евентуалното доаѓање е договорот за повторно активирање на продуктоводот Солун – Скопје. Според грчките медиуми, вакви размислувања се водат во премиерската палата, но прецизен датум за посетата, сè уште не е објавен. Доколку се реализира, тоа ќе биде прва официјална посета на Мицотакис во Македонија и втора посета на грчки премиер на Скопје во последните седум години.

Македонската влада и компанијата „Хеленик енерџи“ неодамна потпишаа договор за активирање на стариот нафтовод долг 213 километри, кој не се користеше од 2013 година. Преку него ќе се превезуваат нафтени деривати, главно дизел, а можеби и други горива, од рафинеријата во Солун до рафинеријата „ОКТА“ во Скопје. Овој проект е клучен за обезбедување на стабилни енергетски резерви за Македонија и за поширокиот регион, вклучувајќи ги Косово, Србија и Бугарија.

Киријакос Мицотакис, премиер на Грција

Производствениот и транспортен систем на нафтоводот е модернизиран за да одговара на денешните стандарди. Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици, складишни капацитети од 80.000 кубни метри во Солун и 30.000 кубни метри во Скопје, како и современ СКАДА-систем кој овозможува следење на притисок, температура и проток во реално време. Министерството за енергетика соопшти дека се извршени сите потребни проверки за функционалност на системот и дека пробниот транспорт до рафинеријата „ОКТА“ веќе е во тек. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, минатата недела истакна дека „ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати“ и дека прецизното мерење и контрола значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата.

Производството и дистрибуцијата на горивата ќе се управуваат преку компанијата „ОКТА“, која е подружница на „Хеленик енерџи“ и е еден од главните снабдувачи на горива во Македонија. Поврзаноста на „ОКТА“ со грчката рафинерија преку нафтоводот значително ја олеснува логистиката и го намалува ризикот од прекини во снабдувањето.

Нафтоводот Солун – Скопје, првично пуштен во функција во 2002 година за транспорт на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел-гориво и други преработени деривати. Системот овозможува пренос на до 2,5 милиони тони гориво годишно и е клучен за обезбедување на стабилни енергетски резерви во Македонија и поширокиот регион.

Според годишниот финансиски извештај на „Хеленик енерџи“, најголемиот дел од своите сурови нафтени резерви компанијата ги набавува од Казахстан, Ирак, Либија, Саудиска Арабија, Норвешка и Египет, кои заедно сочинуваат околу 91 % од вкупното снабдување. Дополнително, помало количество нафта се увезува од Азербејџан, Брегот на Слоновата коска, Нигерија и Гвајана. Ова покажува дека снабдувањето со нафтени производи за Македонија преку грчката компанија е дел од глобалните пазари, кои се под влијание на геополитичките тензии, особено во Блискиот Исток и Северна Африка.

Покрај нафтоводот, Македонија гради уште една значајна инфраструктурна енергетска конекција со Грција – интерконекторот за природен гас. Овој проект е дел од стратегијата за диверзификација на енергетските извори и за зголемување на енергетската сигурност на земјата. Интерконекторот ќе овозможи транспорт на природен гас од Грција до Македонија и понатаму до земјите во регионот, намалувајќи ја зависноста од енергетски монополи и од традиционални снабдувачи на гас.

Со активирањето на нафтоводот Солун – Скопје за транспорт на нафтени деривати и изградбата на гасниот интерконектор, Македонија се стреми кон развој на современа и стабилна енергетска инфраструктура што обезбедува и енергетска диверзификација, и поголема регионална соработка со Грција како клучен партнер. Со директно снабдување со преработени нафтени производи од грчката инфраструктура, земјата ќе ја намали зависноста од транспорт со камиони и возови и ќе има поефикасен и посигурен систем за снабдување со гориво.

Според грчките медиуми, активирањето на нафтоводот исто така се смета за дел од старата стратегија на Грција за економско продирање на Балканот преку енергетска соработка, што ја зајакнува регионалната интеграција и стабилност.

Доколку посетата на Мицотакис се реализира, тоа ќе биде јасен сигнал за засилена соработка меѓу двете земји во енергетскиот сектор и потврда за важноста на инфраструктурните инвестиции како што се нафтоводот и гасниот интерконектор. Грчките извори нагласуваат дека проектите се симбол на доверба и стабилност, а Македонија преку нив ќе добие сигурно снабдување со енергетски ресурси, намалувајќи ги ризиците од глобални флуктуации во цените и достапноста на горивата и гасот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ