Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави нулта даночна стапка за семејствата со ниски приходи со четири деца почнувајќи од следната година, како и зголемување на пензиите.
Мицотакис рече дека силниот економски раст, поголемиот од очекуваниот буџетски суфицит и подобрата наплата на даноци ќе помогнат во финансирањето на пакетот.
– Сите сме добро свесни дека Грците се борат да врзат крај со крај. Затоа наш неоспорен приоритет е да ги поддржиме нивните приходи – рече премиерот.
Даночната реформа вклучува пониско оданочување за два проценти за сите категории, додека данокот на имот во областите далеку од големите центри ќе биде укинат за да се охрабрат младите да се преселат на село.
Овие даночни реформи се вредни 1,6 милијарди евра.
По должничката криза од 2009 до 2018 година, грчката економија, водена од туризмот, се обнови и се приближува до својата големина пред кризата, пренесува Ројтерс.
Сепак, Грција останува најзадолжена земја во Европа, а расположливиот доход сè уште заостанува зад просекот на ЕУ поради зголемувањето на цените на енергијата, храната и домувањето кои ја погодуваат куповната моќ, и покрај кумулативното зголемување од 35 проценти на минималната плата.