Засега ќе нема промени кај министрите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски, во интервјуто за „360 степени“. Мицкоски рече дека за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложен Мухамед Хоџа, а за нов министер за европски прашања и потпретседател на Владата е предложен Беким Сали.
Според Мицкоски, кој денеска до Собранието ги испрати предлозите за нови министри од коалицискиот партнер ВЛЕН, во ресорот здравство ќе нема промени, таму министер останува Азир Алиу.
На прашањето дали е задоволен од тоа како Азир Алиу го раководи Министертсвото за здравство, премиерот одговори дека секогаш има простор за напредок.
-Секој треба да добие шанса и јас ценам дека до овој момент Азир Алиу прилично пристојно си ја врши својата работа, нагласи Мицкоски.
По партискиот конгрес и по сите преструктуирања во рамки на партијата, премиерот напролет очекува, како што рече, освежување во Владата, но и прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања и стеснувања во рамки на државните институции.
Подвлече и дека доколку биде повторно избран за лидер на партијата на конгресот што треба да се одржи претстојниот викенд, тоа дефинитивно ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Со реизборот би го почнал третиот лидерски мандат што според актуелните решенија во партискиот статут значи и последен.
– Имам два сина, мене ми е ВМРО-ДПМНЕ буквално како трето дете. Да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ доколку ја добиам поддршката од делгатите. И додека сум јас претседател, тој услов за максимум број на мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од статутот, истакна Мицкоски.
Најави дека на конгресот ќе бидат донесени неколку стратешки документи за партијата, а тоа ќе влијае и врз работењето на Владата, како и на политиките.
– Подготовките се во полн ек, очекувам конгресот да биде празник за ВМРО, мислам дека во сабота во Кавадарци ќе имаме настан што ќе го одбележи периодот пред нас во следните години. Немам информација дека ќе има и втор кандидат за претседател, ценам дека ќе бидам кандидат само јас. Очекувам мојот трет мандат да го обедележат големи реформи кои ќе овозможат подобар живот за граѓаните на државата. Не би коментирал за какви било имиња или поместување во раководството на партијата, ниту сум однел конечна одлука со кои идеи и предлози ќе излезам пред Централниот комитет во однос на промени на потпретседателските места, истакна Мицкоски.
Тој е убеден дека и на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува повторно голема победа.
На прашањето дали можеби ќе се кандидира за шеф на државата, одговори дека тие што го знаат, знаат дека нема таква амбиција.
-Мислам дека и тоа сценарио го исклучувам од мојот ангажман во иднина, дециден е Мицкоски.












